Напаѓачот, според локалната полиција, бил приведен на самото место и го признал делото без двоумење, пренесува „Би-би-си“
Осум лица се убиени, а 17 се повредени во напад со нож што денеска се случил на универзитет во град на истокот на Кина, јавуваа светските агенции, повикувајќи се на локалните власти.
Според информациите, нападот се случил во Институтот за уметност и технологија во градот Вукси, во провинцијата Џиангсу, а го извршил 21-годишен студент кој бил лут затоа што не добил диплома, откако паднал на испит.
Локалната полиција соопштила дека тој бил приведен на самото место и го признал делото без двоумење, пренесува Би-би-си.
„Според прелиминарната истрага, осомничениот со презиме Ксу – маж, 21 година – нападнал други затоа што не го положил испитот и не добил диплома, но и затоа што бил незадоволен од таксата за стажирање“,
било наведено во полициското соопштение, јавува Ројтерс
Повредените, како што додале од полицијата, се хоспитализирани за натамошно лекување.
Насилствата со нож не се невообичаени во Кина, каде огненото оружје е строго контролирано.
Денешниот напад е последниот во низата инциденти со голем број жртви што последните месеци ја погодија Кина.
Претходно оваа недела, 62-годишен маж уби 35 луѓе и повреди повеќе од 40 кога со своето возило влетал во толпа луѓе во јужниот град Жухаи.
Во октомври, полицијата уапси 50-годишен маж по напад со нож во близина на основно училиште во Пекинг, во кое беа повредени пет лица, меѓу кои три деца.
Во септември, три лица беа убиени, а 15 други повредени, исто така, во напад со нож пред супермаркет во Шангај.
Исто така во септември, автобус удри во толпа ученици и родители пред училиште во градот Таиан во провинцијата Шандонг, при што загинаа 11 лица, а 13 други беа повредени. Кинеските власти во врска со овој случај не открија дали автобусот намерно или случајно удрил во толпата.
Во март 2014 година, во напад со нож врз патници во воз на станицата Кунминг загинаа околу 30 луѓе, а повеќе од 140 беа повредени. Властите за инцидентот тогаш ги обвинија сепаратистичките милитанти од проблематичниот регион Ксинџијанг.