По цели 56 години во киноиндустријата и над 200 филмови, големиот Џеки Чен беше одликуван со почесен Оскар за животно дело.
Специјалната статуетката за придонес во киното на Џеки Чен му беше врачена од гувернерот на Лос Анџелес, и притоа хонгконгшката ѕвезда призна дека ја посакувал уште од кога ја видел во домот на Силвестер Сталоне. Но објасни и дека не очекувал да биде одликуван:
„Татко ми секогаш ми велеше: ‘Сине, добиваш толку многу филмски награди по светот, кога ќе земеш и една од тие?’ Јас просто ќе го погледнев: ‘Ха ха ха. Тато, јас правам акциони комедии’ “.
Чен навистина работи во еден често потценет жанр, но тоа дека заслужува Оскар го чувствува секој кој го има гледано, а го потврди и Том Хенкс лично додека го претставуваше на церемонијата на врачување на наградата, кога го спореди со Џон Вејн и Бастер Китон.
Нема дилема, 62-годишниот Џеки Чен е меѓу најголемите акциони ѕвезди, а е и мајстор на визуелната комедија и на бескомпромисноста при реализацијата на борбените сцени – во кои особено брилира во хонгконгшките филмови. Но, навистина ли е во рангот на Џон Вејн? Ај да видиме.
1. Drunken Master (1978)
Тоа е филмот со кој Чен го прави својот пробив и по кој го наоѓа својот уникатен стил во киното. Неговата неповторлива комбинација од акција и хумор особено блеска во „пијаните“ борбени сцени, кои веројатно и денес ги памтите.
Во „Drunken Master“ Чен игра главен лик кој ја наоѓа својата борбена моќ во алкохолот, кој му овозможува да биде креативен во борбените техники.
2. Who Am I? (1998)
Во филмов Џеки Чен страда од амнезија, ама неговите каскадерски немаат гајле. Во највпечатливата сцена, Чен се лизга по косата страна на една висока зграда во Ротердам.
3. Rush Hour (1998)
По бројните обиди да се пробие на американскиот пазар, Џеки Чен најпосле успева, добивајќи улога рамо до рамо со Крис Такер во полициската комедија Rush Hour, која подоцна ќе се претвори во филмски серијал од 4 дела.
Една од најсмешните сцени е таа кога кон Ли (Чен) е вперен пиштол и тој е принуден да признае дека зборува англиски. Ама сцената со вазната? Никој не би можел да ја реализира како Џеки Чен.
4. Police Story 4: First Strike (1996)
Дел од шпионскава приказна е и легендарната сцена во која Џеки Чен користи молерска скала како оружје (3-тата минута во видеото). Снимањето на целата борба се одвива во австралискиот музеј и трае две недели, ама вреди; Чен демонстрира богат арсенал од трикови и маестрално ги користи предметите околу него во борбата.
5. Rumble in the Bronx (1995)
Популаризацијата на овој филм во Америка всушност е првиот пробив на Џеки Чен во Холивуд. А бисер во „Rumble in the Bronx“ е акционата сцена во која Чен користи секакви можни реквизити во тепачката. Познато е дека почнал да ја кореографира дури откако тимот набавил сé што побарал – пинбол флипери, билијард, стари фрижидери, телевизори, скии и хокеј стапови. Сцената е снимана 15 дена.
https://youtu.be/YdnCwym0uPs
И нормално…
6. The Legend of Drunken Master (1994)
Финалната битка во вториот дел на „Drunken Master“ е сметана за најдобрата во кариерата на Џеки Чен. Некои ја сметаат и меѓу најдобрите сцени во хонгконгшките кунг-фу филмови воопшто.
За оваа сцена Чен ќе влезе и во улога на режисер, откако ќе има гласни несогласувања со Чиа Лианг Лиу. Режисерот ќе сака да снима борби со потрадиционален шмек, додека Џеки Чен ќе смета дека гледачите преферираат помодерен и позабавен пристап.
Битката со Кен Ло, Џеки Чен ја снима четири месеци, но без тоа сцената можеби немаше да го има култниот статус.