Струмица воведува целосно зелен јавен превоз со десет електрични автобуси

„Стануваме првиот град на Балканот со имплементиран целосно електрифициран јавен превоз“, изјави градоначалникот Костадин Костадинов

Костадин Костадинов – градоначалник на Општина Струмица / фото: фејсбук-профил на Костадин Костадинов

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов денеска најави дека Струмица ќе биде прв град на Балканот со целосно електрифициран јавен градски превоз. Тој денеска ги доби клучевите од десетте електрични автобуси што ги набави општината.

Автобусите се во фаза на царинење, регистрација и осигурување и се очекува од 11 септември да бидат ставени на тест возење од еден месец – период кога ќе има бесплатен јавен превоз за граѓаните, а потоа и во нормална функција.

„Испишуваме историја како граѓани на Струмица од причина што нашата општина досега немаше јавен превоз, а во исто време не може да се занемари фактот што Струмица е еден од градовите кој се соочува со енормна загаденост на воздухот. Кога се соочуваме со такви предизвици, неопходно е да правиме револуционерни и радикални иницијативи и проекти како што е електрифицираниот јавен превоз со што стануваме првиот град на Балканот со имплементиран целосно електрифициран јавен превоз“,

изјави Костадинов.

Директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Струмица транспорт“, Драги Поп-Стојанов посочи дека воведување на целосен електричен превоз е во согласност со концептот „Смарт сити Струмица“ заедно со велосипедските патеки што се изградени во потесното градско подрачје.

фото: фејсбук-профил на Костадин Костадинов

„Ние сме единствена општина во регионот и на Балканот што воведуваме сто отсто електричен превоз што ќе користи електрична енергија која во наредна фаза ќе ја обезбедиме сами како зелена енергија во нашата автобуска база кај што ќе биде полнењето на електричниот превоз. Таму имаме идеална можност за поставување фотоволтаични колектори на покривната конструкција од 5 000 квадратни метри за да можеме сончевата енергија да ја претвориме во електрична енергија и да добиеме потполна енергетска независност“,

рече Поп-Стојанов.

Десетте електрични автобуси, купени на лизинг, Општина Струмица ја чинат вкупно седум милиони евра.

- Реклама -