Стојан Андов и пратениците од 1990-1994 год. одликувани со орденот „8 Септември“: „Граѓаните сакаа, инсистираа на своја држава“

Претседателот Стево Пендаровски со орден „8 Септември“ денеска ги одликува Стојан Андов – прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година. Во своето обраќање Пендаровски порача дека политичките елити во земјата треба одново да постигнат единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.

„Денес кога прославуваме триесет години од независноста, имаме повод и најдлабока причина да изразиме благодарност на генерацијата која ги постави фундаментите на македонската државност. Во изминативе децении беа одликувани првиот претседател на Републиката – Киро Глигоров, и првиот претседател на Владата – Никола Кљусев. Денес, со Орден ‘8 Септември’, искажуваме почит кон пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година, и на првиот претседател на тоа собрание – господинот Стојан Андов“, истакна претседалот Пендаровски.

На овој триесетгодишен јубилеј на нашиот трет Илинден, тој се осврна на три важни аспекти кои, според него, говорат за историската улога на пратениците и претседателот Андов во изградбата на самостојна и независна македонска држава.

„Повеќепартиските парламентарни избори во 1990-та беа нашето прво демократско искуство. Во тој прв парламентарен состав, 11-те парламентарни партии и тројцата независни пратеници понудија различни визии, мислења и ставови за иднината на државата, со интензитет дотогаш невиден кај нас. Вториот аспект е внатрешниот контекст и надворешното опкружување со кои се соочија тогашните пратеници. Во тоа бурно време на крвав расплет на југословенската криза, како држава се соочивме со сериозни безбедносни закани и со политички притисоци и блокади за меѓународното етаблирање на новата држава. А сето тоа, пропратено со длабока економска криза, висока инфлација и невработеност“, рече шефот на државата.

Трето и најважно, според него, е што токму во тие турбулентни времиња политичкото раководство, вклучувајќи ги и пратениците и претседателот на Собранието, се сплотија околу клучните прашања.

„Наспроти сите политички и идеолошки разлики меѓу себе, тие успеаја да се обединат околу државните интереси: независноста на државата, демократскиот политички систем, еквидистанцата кон сите соседи и евроатлантската ориентација во нашата надворешна политика“, рече Пендаровски.

Првото плурално Собрание ги избра првиот Претседател и првата Влада на Републиката, ги донесе клучните акти, меѓу кои и Декларацијата за сувереност и Одлуката за распишување на редефендум. На референдумот на 8 септември, македонските граѓани го искористија своето неотуѓиво право на самоопределување и по мирен и демократски пат се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија. Врз основа на таа јасно изразена волја на народот, како што потенцираше Пендаровски, Собранието донесе Устав, ја воведе новата национална валута – денарот, и усвои неколку битни системски закони.

„Пратениците од првиот состав со едногласна одлука, визионерски се определија за членство на нашата земја и во НАТО и во Европската Унија. Со тоа не само што ги поставија основите за изградба на нов правен, политички и економски систем, туку го започнаа и процесот на демократска консолидација на младата држава. Најголемиот дел од овие одлуки беа носени со ентузијазам и единство за какво денес, за жал, можеме само да сонуваме“, потенцира претседателот Пендаровски.

Според него, овој голем јубилеј со кој денес се гордееме сите, посебно им припаѓа ним и на пратениците кои повеќе не се меѓу нас.

„Многу повеќе од многумина други, вие сте заслужни за тоа што имаме независна држава. Денес сме тука собрани, во името на сите македонски граѓани, да ја изразиме нашата искрена и длабока благодарност и почит кон вас“, рече Пендаровски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Освен со Орденот „8 Септември“ нашата благодарност кон првиот пратенички состав, според претседателот на државата, можеме да ја искажеме и на еден многу посуштествен начин, а тоа е да го следиме нивниот пример и преку политичко и граѓанско помирување, одново да постигнеме единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.

„Ова е неопходно за да покажеме политичка зрелост каква што доликува на држава-членка на НАТО, која чека датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија. Но, уште поважно, ова од нас – актуелната генерација политичари, го очекуваат македонските граѓани за чии што интереси сигурно не работиме ако во политичката арена приоритет ни се само нашите лични и партиски интереси, наместо националните и државните“, рече Пендаровски.

Шефот на државата порача дека е време после 30 години угледувајќи се на таа прва генерација пратеници да изградиме единство околу виталните интереси на граѓаните.

„Клучна специфика на секое зрело, слободно и демократско општество е токму способноста низ институциите и процедурите, на конструктивен начин да ги надминува политичките разлики и несогласувања. А стожерната институција за тие дебати е нашиот дом на демократијата – Собранието на Република Северна Македонија. Да работиме на приближување на нашето со европското законодавство, не само формално, туку суштински, преку почитување на принципот на владеење на правото и на слободите и правата на секој човек. Само така се гради праведно и слободно општество на еднакви граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност“, рече претседателот.

Имајќи ја предвид пандемијата со Ковид-19, претседателот Пендаровски орденот „8 Септември“ на Андов му го врачи во неговиот дом. Во видеото Андов нагласува дека граѓаните сакале своја држава и дека тие во Собранието ги застапувале нивните барања и потреби.

„Одлично беше затоа што сепак народот се изјасни. Ние ја немаме таа сила. Нас нѐ избрале како пратеници ама за обичните работи, нормалните работи во Собранието. Не нѐ избрале да донесеме таква државна одлука без да го прашаме народот“, вели Андов на средбата со Пендаровски, снимена во дворот на неговата семејна куќа. Граѓаните, вели тој, сакаа, инсистираа на своја држава (разговорот е на 21. минута во видеото).

Според Андов, Преспанскиот договор завршил клучна работа, а исто така и Договорот со Бугарија.

„Тоа е одличен договор. Јазик и ова и она, таму не е проблем, и не може да биде проблем. Ништо од тоа не е проблем. Јас мислам дека ние на добар пат сме“, вели Андов во разговорот.

На настанот се обрати и Никола Стојановски, прв претседавач со конститутивната седница на Парламентот во мандатниот период од 1990-1994 година.

Стојановски истакна дека пратениците од првиот состав на Парламентот ја исполнувале волјата на граѓаните кои ги бирале.

„Нашата генерација во исто време ги претствуваше и начелата од ослободителната војна и од одлуките на АСНОМ. Врз темелите на таа борба за слобода и самостојост природно продолжи патот до независност“, рече Стојановски.

Посочи дека бил многу среќен што ја водел таа седница и оти кај нив не постоел страв дека одлуката за независност ќе предизвика војна.

Триесет години подоцна, вели тој, смета дека осамостојувањето на државата била најправилна одлука.

„Влезот во НАТО е позитивен чекор напред, а се надевам и дека ЕУ ќе ни ги отвори вратите“, рече Стојановски.

На доделувањето на Орденот „8 Септември“ присуствуваа премиерот Зоран Заев и членови на Владата и на Парламентот.

- Реклама -