Стоиљковиќ не демантира дека е путинист, но не гледа ништо спорно во тоа бидејќи целосно ја прифатил владината програма

На новинарската забелешка дека не е наивно во влада на земја членка на НАТО да има човек со путинистичко убедување, Стоиљковиќ рече: „Да, но тој човек ја прифаќа владата на Република Македонија и работи согласно предлог програмата што ја изнесе премиерот Христијан Мицкоски и ги подржува сите тие точки изнесени во програмата. Што е тука спорно”

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ не гледа ништо спорно во однос на неговите политички убедувања со оглед дека своето работење целосно го усогласил со програмските определби на владата. Гостувајќи во Вести плус на ТВ Канал 5, Стоиљковиќ не ги демантира забелешките на политичките опоненти и на дел од јавноста дека е путинист, туку правејќи аналогија со поранешниот технички премиер Талат Џафери, со доза на сарказам, кажа дека токму средбите на Џафери со луѓе на Кадиров му помогнале да ја заземе челната позиција во владата.

ivan_stoiljkovik_kanal 5_иван-стоиљковиќivan_stoiljkovik_kanal 5_иван-стоиљковиќ

„Не е спорно ништо. Кога тие телевизии ја водеа таа кампања и ме прашуваа за што вие ме прашувате (дали сум путинист, н.з.) јас им одговорив – зошто не прашувате за средбата на Талат Џафери со луѓето на Кадиров? Како му тргна после средбата со нив, тој стана претседател на Владата. Си велам, кој знае можеби и мене ќе ми тргне. Тие ја спуштија камерата и не сакаа ништо да објават од тој разговор. Така што, луѓето може да шпекулираат, меѓутоа јас сум член на владата, ја прифатив во потполност програмата на владата на премиерот Мицкоски и се однесувам согласно програмата изложена во Собранието“,

рече Стоиљковиќ.

На новинарската забелешка дека не е наивно во влада на земја членка на НАТО да има човек со путинистичко убедување, Стоиљковиќ одговори во истиот стил.

„Да, но тој човек ја прифаќа владата на Република Македонија и работи согласно предлог програмата што ја изнесе премиерот Христијан Мицкоски и ги подржува сите тие точки изнесени во програмата. Што е тука спорно?

рече вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ.

Предлогот на Мицкоски, Иван Стоиљковиќ да го води ресорот за односи меѓу заедниците и да биде вицепремиер, предизвика бројни реакции во јавноста поради про-Кремаљ позиции на кандидатот. Премиерот Мицкоски, по неговото именување. прашан што ќе значат позициите на Стоиљковиќ за стратегиското позиционирање на државата во контекст на надворешната политика, истакна дека од него и од останатите министри очекува да имаат промакедонска позиција.

„Таа промакедонска позиција значи и стратегиско ориентирање на државата, а тоа е силен партнер во НАТО и земја која еден ден ќе биде членка во Европската Унија. За позициите на господинот Иван Стоиљковиќ не би можел со вас да се сложам, можеби ќе имате можност и со него да поразговарате и тој да даде свое мислење, но јас како мандатар и како иден претседател на владата очекувам од секој член во владата да има исклучиво протатковински, македонски позиции“,

изјави Мицкоски.

Стоиљковиќ е еден од ретките политичари во регионот, покрај Милорад Додик, кој беше гостин на минатогодишниот безбедносен форум во Москва, под покровителство на рускиот Совет за безбедност, а учествува и на речиси сите чествувања и обележувања на значајни датуми организирани од Амбасадата на Руската федерација во Скопје.

- Реклама -