Во интервју за „Гардијан“, најпознатиот научник на денешницата, Стивен Хокинг, ги отфрли сите погодности што ги нуди религиската догма, нарекувајќи ги приказни за мали деца, наменети за луѓе што се плашат од смртта. Хокинг е цврсто убеден дека не постои ништо по последниот импулс во мозокот.
Стивен Хокинг живее со големи шанси за прерана смрт веќе 49 години, уште откако му била дијагностицирана неизлечивата болест. Тој вели дека можноста животот да му заврши во секој миг го натерало да ужива повеќе во животот и да го цени секој миг. „Не се плашам од смртта, но не се брзам да стигнам до неа. Има уште толку многу нешта што сакам да направам пред да умрам“.
Кога станува збор за човечкиот мозок, Хокинг вели дека го смета за компјутер што ќе престане да работи кога ќе се расипат неговите делови. „Не постои рај за расипани компјутери, тоа е само приказна за мали деца, за луѓето што се плашат од темнината“.
Последните коментари на Хокинг се продолжение на ставовите изнесени во неговата книга од 2010 насловена: „Големиот дизајн“; во којашто истакнува дека нема потреба од постоење на креатор за да се објасни постоењето на универзумот.
Во неговата најпродавана книга „Куса историја на времето“, се вели дека ако се оформи „теорија на сè“, збир равенки што ќе ги опишат сите честички и сили во универзумот: „Тоа ќе значи ултимативен триумф за човечкиот разум, зашто тогаш ќе го спознаеме умот на господ“. Денес, тој вели дека мора да се направи стриктна граница помеѓу користењето на терминот „господ“ како метафора и како поим кој реферира кон семоќно суштество што ги контролира сите процеси во космосот.
Во интервјуот за „Гардијан“, Хокинг ја отфрла можноста за постоење задгробен живот и ја потенцира потребата од фокусирање на остварување на нашиот потенцијал тука, со тоа што ќе ги искористиме животите најдобро што можеме. На прашањето – како треба да ги живееме животите?; тој кусо одговорил: „Треба да ја бараме најголемата вредност од нашите постапки“.
Стивен Хокинг одговорил и на прашањето – зошто сме овде? Според него, квантните флуктуации во раните стадиуми од универзумот, станале семето од кое се родиле галаксиите, ѕвездите, а на крајот и човечкиот живот. „Науката предвидува дека многу различни видови универзуми ќе бидат спонтано создадени од ништо. Се работи за прашање на веројатност“. [Stephen Hawking: ‘There is no heaven; it’s a fairy story’]