На пладне стартува 26-от Охридски Маратон

Триесет пливачи денеска напладне во Свети Наум ќе ја стартуваат борбата со 30 километри долгата патека „Климе Савин“ во 26-от Охридски Маратон.

Како последна трка од годинешната Гранпри серија во маратонско пливање, денеска по 26-ти пат ќе се одржи Охридскиот Маратон, со награден фонд од 25.000 долари, во организација на Пливачката Федерација на Македонија, а под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Во водите на Охридското Езеро ќе биде стариот познаник Петар Стојчев од Бугарија, кој ќе атакува по 11-ти триумф, но и целата останата елита на маратонци во машка и во женска конкуренција. Оваа трка впрочем ќе одлучи и околу победникот во генералниот пласман.

Водечки е Австралиецот Трент Гремси со 78 поени, пред Аргентинецот Дамјан Блаум со 56 поени, а на третата позиција е Андреа Волпини со 40 поени. Најдобар македонски маратонец е Евгениј Поп Ацев на петтата позиција со освоени 34 бода и тој ќе биде нашиот најголем адут на денешниот пливачки маратон во Охрид, во отсуство на ветеранот Томи Стефановски, кој не може да настапи поради повреда на рамото.

Кај дамите, најголема фаворитка и водач во генералниот пласман и трикратната победничка на маратонот во Охрид, Естер Нуњез од Шпанија која ќе има достојна конкурентка во Аргентинката Гељо Пиљар. И оваа година во пресрет на Охридскиот пливачки маратон имаше полемики, караници, околу финансиите, но тоа, за жал, е веќе добро позната традиција за нашиот маратон, исто како и самата манифестација.

Пливачите се очекува на охридското пристаниште да пристигнат нешто по 17 часот каде што треба да ги пречека претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Нека имаат мирно езеро…

- Реклама -