Стапката на невработени е 17.5%, меѓу нив од денес е и Катица Јанева

Според Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2019-та година, од вкупно 962.463 лица, невработени се 168.180, односно 17.5%. Според одлуката на Советот на јавни обвинители на денешната седница, на овие ~170 илјади од денеска им се придружува и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена и во притвор за случајот „Рекет“.

Јанева остана без функцијата во СЈО откако парламентот во саботата ја разреши поради поради „нестручно и несовесно вршење на функцијата“. Денес, поради таа одлука, остана и без функцијата јавен обвинител во основното јавно обвинителство Гевгелија, откако Советот на јавни обвинители одлучи да стапи ВОН сила делот од решението со кое е ставена во мирување таа нејзина функција. Со други зборови, Јанева е разрешена и од ОЈО Гевгелија и „фактички веќе не може да ја обавува функцијата како јавен обвинител“, објасни претседателот на Советот – Ацо Колевски.

За разлика од Јанева, иако со нејзиното разрешување во саботата им заврши мандатот и на останатите десетмина обвинители на СЈО, тие нема да останат без работа, туку ќе бидат вратени на работните места во своите матични обвинителства, од каде што Јанева ги повика да работат за СЈО.

Фатиме Фетаи се враќа во ОЈО Скопје, исто како и Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро. Обвинителите Бурим Рустеми и Љубомир Лапе ќе се вратат во ОЈО КУманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Гостивар, а Стевчо Донев во ОЈО Кочани. Обвинителката Лиле Стефанова, поради тоа што ѝ е истечен 4-годишниот мандат во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ќе се врати во основното јавно обвинителство Радовиш.

 

- Реклама -