Стапалото на Монти Пајтон

FOOT

Во собата број 8 во Лондонската национална галерија има уште една од многуте слики од Купидон и Венера, и оваа направена по барање на француски крал. Но оваа крие и нешто плус.

Сликата е „Алегорија со Венера и Купидон – манеристичко ремек дело на Ањоло Бронзино, насликана во 1500-тите, за кралот Франсоа. Поставена е рамо до рамо со дела како тие на Микеланџело и Рафаел.

venus_cu[1]

Стотици години откако Бронзино ја наслика неговата алегорична слика, еден млад аниматор што работеше за едно британско телевизиско шоу, скиташе по музеите на Лондон во потрага по инспирација за визуелните задачи околу проектот. Аниматорот беше никој друг, туку Тери Гилијам лично, а шоуто беше прочуената комична серија Летечкиот циркус на Монти Пајтон (Monty Python’s Flying Circus).

Ако погледнете во левиот долен агол на сликата на Бронзино, можеби ќе забележите дека стапалото на Купидон е истото она препознатливо амблемско стапало на Монти Пајтон – ви текнува, она џиновското што од никаде стапнува од небото и уништува сé под себе.

Python foot 2

Ќе го препознаете од насловната анимирана шпица на шоуто, кога некаде кон крајот го смачкува насловот. Стапалото стана заштитен знак на комедијантската дружина.

Ете, баш тоа стапало му го фати окото на Тери Гилијам и реши да го позајми за на телевизија – а тоа не му беше ниту прв, ниту последен пат. Всушност, Гилијам често го правеше истото. Додека на Flying Circus работеа пет Англичани, Тери – Американецот кој долго живееше во Британија, беше единствениот кој работеше на надреалната и прекрасна анимација (макар што знаеше да се појави и во некој скеч). Неговите анимирани колажи комбинираат позајмени делови и парчиња од многу познати слики и фотографии. Деконтекстуализацијата и апсурдноста со која Тери Гилијам ги спојуваше познатите парчиња, беа совршено соодветни со хуморот на шоуто, а воедно претставуваа и коментар на класичната уметност. Гилијам покажа како класичните слики можат да прераснат во – па, во something completely different (слоганот на шоуто) – во културни икони со свој сопствен контекст и приказна.

Уште еден доказ за она на (наводно) Пикасо: Добрите уметници копираат, големите – крадат.

- Реклама -