Стано: Извештаите дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета за напад врз Украина се сигнал дека Путин сака ескалација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија користела „нов тип“ ракета во утринскиот напад врз Украина. Според него, спорната ракета е од руско потекло и ги поседува сите карактеристики – брзина и висина, на интерконтинентална балистичка ракета. Западен дипломат, пак, изјавил дека проектилот лансиран од Русија во нападот врз источниот украински град Днепар е балистичка, но не и интерконтинентална балистичка ракета

Извештаите дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета за напад врз цел или цели во Украина, претставуваат јасен сигнал за понатамошна ескалација на конфликтот од страна на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Петер Стано. 

„Тој започна со предизвикување прехранбена и енергетска криза, сега сè повеќе и повеќе се обидува да игра со гладот и зимата, а тоа што со дронови, бомби и проектили ја таргетира енергетската и цивилната инфраструктура во Украина, е јасен показател на желбата за ескалација и тероризирање на населението“,

рече Стано. 

Според него, Путин повторно игра на картата на нуклеарна закана со неодамна ажурираната нуклеарна доктрина на Русија, а дополнително на европско тло повика и севернокорејски војници. 

„Се ова се јасни сигнали за желба за ескалација, а не за желба за изнаоѓање пат кон мирот. Секако, употребата на интерконтинентална балистичка ракета би била уште една квантитативна и квалитативна промена во пристапот и јасен сигнал за ескалација“,

додаде Стано. 

Во одговор на прашање дали нападот со интерконтинентална балистичка ракета врз Украина може да се смета како сигнал на Москва до Брисел и ЕУ, Стано истакна дека секој чекор од страна на Русија со илегалната агресија врз украинскиот народ е порака до Украинците, Американците, Европејците и до целата меѓународна заедница дека Путин е непредвидлив агресор, кој патем е баран за можни воени злосторства од страна на Меѓународниот кривичен суд. 

„Тоа е и сигнал што тој мисли за ескалацијата и за мирот. Да, секако дека тоа е навистина многу јасен сигнал, чие значење веројатно и очигледно му е познато само на неговиот автор. Но, ние во тој сигнал гледаме и читаме каква е неговата подготвеност за постигнување мир, а таа е никаква“,

додаде Стано. 

Запрашан дали на користењето на интерконтинентална балистичка ракета може да се гледа како на прв чекор кон нуклеарен напад, Стано одговори дека Путин игра на картата на нуклеарната закана цело време од почетокот на агресијата врз Украина. 

„Тоа започна со заземањето и воените операции во околината и во објектите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа во Запорожје. Да не заборавиме, таа е сè уште окупирана од руските војници, кои одвреме-навреме се доведени во ситуација да се борат многу блиску до оваа нуклеарна постројка“,

нагласи Стано. 

Тој додаде дека сега Русија дополнително покренува прашања и за нуклеарна доктрина и нуклеарна одмазда.  

„Дали навистина го мислат тоа е многу тешко да се предвиди. Не можеме да видиме што се случува во нивните глави, но знаеме дека ова е неодговорно однесување и претставува глобална закана не само за стабилноста, туку и за безбедноста, и тоа не само на Европа, туку и на светот“,

потенцира Стано.

Зеленски: Русија користи нови ракети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија користела „нов тип“ ракета во утринскиот напад врз Украина.

„Денеска нашиот луд сосед уште еднаш покажа каков е во суштина и колку го презира достоинството, слободата и човечкиот живот воопшто. Толку многу се плаши што веќе користи нови ракети“,

напиша Зеленски.

Украинскиот лидер додаде дека спорната ракета е од руско потекло и дека ги поседува сите карактеристики – брзина и висина, на интерконтинентална балистичка ракета.

Утрово, украинските воздушни сили објавија дека Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) кон градот Днепар, што предизвика противречни извештаи.

Западни дипломати: Русија истрела балистичка, но не интерконтинентална ракета кон Украина

Западен дипломат изјави дека проектилот лансиран од Русија во нападот врз источниот украински град Днепар е балистичка, но не и интерконтинентална балистичка ракета, јави Си-ен-ен.

Дипломатот, кој брифирал новинари на маргините на самитот на азиските министри за одбрана во Лаос, одбил дополнително да ја опише ракетата, велејќи дека нејзиното влијание сè уште се проценува.

„Изгледа нападот не бил извршен со интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ). Тоа била балистичка ракета, насочена кон Днепар, во југоисточниот дел на Украина“,

изјавил западен функционер за Еј-би-си њуз.

- Реклама -