Роберт Плант и Џими Пејџ ќе треба да се соочат со судот во Лос Анџелес, за да ги заштитат авторските права над култната „Stairway to Heaven“.
Окружниот судија Гери Класнер прифатил дека постојат значителни совпаѓања меѓу песната на Led Zeppelin од 1971 година и инструменталната „Taurus“ на групата „Spirit“, снимена во 1967 година. Затоа, судската порота ќе треба да донесе одлука дали Плант и Пејџ се одговорни за кршење на авторските права. Првото рочиште за случајот е закажано за 10 мај.
Случајот е покренат по жалба од Мајкл Скидмор, пријател и довереник на покојниот Ренди Вулф – гитарист на Spirit и композитор на музиката на „Taurus“. Скидмор тврди дека Џими Пејџ ја напишал „Stairway to Heaven“ за Led Zeppelin откако слушнал изведба на „Taurus“ од Spirit уште во 1968-1969 година, додека двете групи биле на заедничка турнеја. Тужителот се жали дека гитаристот Ренди Вулф никогаш не добил признание за авторството.
Одбраната на Led Zeppelin, пак, тврди дека Вулф работел како „композитор-платеник“ и како таков нема право на авторство на музиката. Според нив, акордната прогресија на почетокот на „Stairway to Heaven“ е толку исклиширана што не ни заслужува заштита на авторското право.
Судија Класнер сепак смета дека судската порота треба да се произнесе за „значајните сличности“ меѓу првите две минути од „Stairway to Heaven“ и „Taurus“, кои според него важат за „несомнено најпрепознатливите и најважни сегменти“ од двете песни.
„Иако е точно дека надолната четири-акордна прогресија е чест потфат во музичката индустрија, сличностите во овој случај ја надминуваат оваа основна структура“, пишува Класнер. „Потребна е субјективна проценка за ‘концептот и чувството’ на двете дела… задача која повеќе му одговара на судско жири, наместо на еден судија“.
Патем, жалбите против басистот на Led Zeppelin – Џон Пол Џонс и Warner Music Group не се уважени.
Во случај на позитивна пресуда по жалбата, Мајкл Скидмор ќе може да добие само 50% од евентуалното обесштетување, како што стои во клаузулата во договорот од 1967 помеѓу продуцентот и Ренди Вулф.
„Овој случај, од наша гледна точка, е целосно поврзан со правото на заслужено признание. Сега имаме можност да исправиме една неправда“, вели адвокатот Франсис Малофи, кој го застапува Скидмор пред судот.
Инаку, гитаристот Ренди Вулф имал само 16 години кога ја создал „Taurus“. Починал на 45-годишна возраст, во 1997 година, при обид да го спаси својот син од давење некаде на брегот на Хавајските острови.
АПДЕЈТ: Судот рече „Не, не е крадена“. Прочитајте ТУКА. А пресудете сами.