Во Макапа, северен Бразил, ќе го најдете стадионот Estádio Milton de Souza Corrêa, многу попознат како Zerão – т.е. „Големата нула“. Отворен е во 1990 година, а посебен го прави тоа што е дизајниран и позициониран така што средната линија помеѓу двете половини на игралиштето да паѓа токму на Екваторот. Со други зборови, секоја половина е на различна хемисфера.
Во близина е уште една од градските атракции – споменикот Marco Zero. Се работи за ~30-метарски песочен часовник кој ја одбележува имагинарната линија што ги одделува северната и јужната хемисфера. На врвот на часовникот има и кружен отвор низ кој на есенската и пролетната рамноденица светлината од сонцето паѓа токму на авенијата, следејќи го Екваторот.