Рајко Васиќ, член на Главниот одбор и поранешен генерален секретар на Сојузот на независни социјалдемократи (SNSD) – партијата на Милорад Додиќ во Босна и Херцеговина, ја шокираше локалната јавност откако на својот Твитер профил порача дека не му е жал што катедралата Нотр Дам во Париз ја зафати разорен пожар.
„Нека гори. Секој што ги бомбардираше Србите, недолжни и немоќни, Српска и Србија“, напишал тој на Твитер.
Ироничното е што тој ваквиот коментар го напишал споделувајќи твит кој токму ги предупредува тие „подготвени да напишат ‘нека гори’ “. Во цитираниот твит пишува:
„Ѕвоната на Нотр Дам ја објавија победата на српската војска на Цер во 1914 година, првата победа на сојузниците во Големата војна. Ете… за сите оние кои се подготвуваат вечерва да напишат: нека гори“.
Тоа, очигледно, не го спречило Рајко Васиќ. Впрочем, нему не му се страни скандалозните твитови. Овој член на СНСД, која моментално е на власт во Република Српска, минатата година на Твитер објави заканувачки твит во очи одбележувањето на гeнoцидот над Бошњаците во Сребреница.
„Си мислам, ако толку го сакате тој гeнoцид над вас, почекајте ја следната прилика“, порачал тогаш Васиќ. Во една друга прилика, пак, напишал: „Гeнoцидот е хашко-сараевска лага во која секогаш cтpaдаат босанските муслимани“.