Средните училишта подготвени за државната матура, вели МОН

Сите средни училишта во државата се подготвени за спроведување на државната матура, која почнува утре со полагање на тестот по мајчин јазик, соопшти Министерството за образование и наука.

Учениците годинава ќе полагаат во поголеми простори односно во холовите и спортските сали во состав училиштата каде го завршуваат средното образование или, пак, во најблиското училиште каде има соодветни услови согласно новиот правилник на Државниот испитен центар.
-Потсетуваме дека согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците полагаат два екстерни предмета, два интерни предмета и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага утре. Следниот испит ќе биде на 8 јуни, а прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, по што ќе следува можноста за поднесување приговори, наведува МОН.
Државната матура се спроведува од 2008 година како законска обврска и услов за упис на факултет.

Извор