Дап, во Колумбија, на брегот на реката Амазон, има село-гратче што се вика Македонија. Да бидеме искрени, селово нема ништо заедничко со нашава Македонија, ниту пак со таа на Грците.
Македонија, оваа амазонската, е дом на Тикуна (или Тичуна) – едно од најрепрезентативните домородни племиња на Амазон. Повеќето Тикуни живеат во Бразил, но големи заедници има и во Колумбија и Перу.
Иако се домородно племе, Тикуните од Македонија се во постојан контакт со главното население на Колумбија. Тоа значи дека веќе не живеат како претците: не ловат за да се прехранат, и се облекуваат главно во памучна облека. Македонија има и болница, а домовите имаат струја и кабловска. Од друга страна, селото е мало, па нема патишта и автомобили.
Сепак, Македонија има училиште, а интересно е што децата мораат да носат униформа. Звучи неверојатно со оглед дека зборуваме за место среде дождовната шума, но така е.
Тикуна зборуваат главно шпански, но имаат и свој јазик, и тоа многу интересен – тонален, како јазиците кои ги зборуваат во Азија. Се смета дека нивниот јазик е комплетно изолиран и не во корелација со ниту еден друг јазик, што и не би било чудно, со оглед на тоа дека Тикуните живеат изолирани со векови, и пред и по пристигнувањето на Европејците на континентот. Притоа, предавањата во училиштето се одвиваат и на шпански и на Тикуна, што значи дека денес колумбиската влада ги почитува корените на племето.
Две фрази ќе прочитате кога ќе стигнете во Македонија: „Mea i pe gungü“ – што значи „Добредојде“ и „pe taãegü“ – што значи „биди среќен“. Звучи како амазонските Македонци (условно речено, де) да се фини луѓе, зар не? Ќе да се такви.
Како што се гледа од коментарот (преземен е од видеото во продолжение), туризмот игра голема улога во секојдневниот живот на Македонија. Многу од Тикуна луѓето работат како занаетчии, а не како ловци, па се среќни кога доаѓаат туристи и им ги купуваат производите. Додуша има една голема разлика меѓу нив и продавачите по големите туристички места – овие не инсистираат и остануваат љубезни дури и ако не купите ништо. Со други зборови, те сметаат за човек, а не за подвижен паричник.
А за гостопримството на Тикуна зборува и фактот што кога доаѓаат туристи, жените облекуваат традиционални фустани и танцуваат и пеат за нив.
„Зборував накратко со Оливија, една од танчерките“, пишува блогерот MetalTraveller, од кого го преземаме текстов. „Ми кажа за танцот што го изведуваа. Бил дел од ритуал што се изведува кога девојка ќе стане жена“.
„Ми кажа за нивниот живот и за нивните традиции, и за начинот на кој ги одржуваат во живот…
„Тикуна од Македонија се одличен пример за луѓе со двојна култура: Тие се Колумбијци, тие се и Тикуна. Го земаат најдоброто од двата света – прифаќајќи го модернизмот, а зачувувајќи ги своите најважни традиции“, заклучува MetalTraveller.
Што се однесува до тоа како се случило селото да си го наречат Македонија, теоријата оди вака:
Според грчкиот сајт Радиоласити, кон крајот на 19 век, во регионот живеело едно Тикуна семејство чие презиме било Македо (всушност Маседо, од „Macedo“). Под влијание на мисионерите, членовите на семејството прво станале католици, а потоа преминале во евангелисти, па ги конвертирале и другите Тикуна-семејства што дошле од соседните области во Бразил и Перу и се населиле со нив во истото село. Во меѓувреме почнале да ја проучуваат Библијата во групи, а кога стигнале до писмата на апостол Павле до Солуњаните и Филипите во Новиот завет, биле импресионирани кога првпат го прочитале зборот „Македонија“. Бидејќи сметале дека „Македо“ е многу сличен со „Македонија“ и мислејќи дека нема друга во светот, во 1975 сите семејства од заедницата решиле своето езерско село да го наречат Македонија.