Доцна попладнево во атарот на виничкото село Лески избувна пожар, предизвикан од горењето на органските материи на депонијата за комунален отпад.
Поради силниот ветер огнот брзо се прошири на блиската нискостеблеста шума на падините на планината Плачковица, а на терен излегоа екипи од Територијалната противпожарна единица од Виница, пренесе МИА.
„Околу 16 часот добивме дојава за пожар на отворен простор кај општинската комунална депонија чие гаснење, поради временските услови беше исклучително отежнато. Повикавме поддршка и од колегите од Кочани, а овде се и пожарникари од Словенија кои помагаа во гаснењето на пожарите во Малешевијата. Со брза интервенција успеавме огнот да го ставиме под контрола и да спречиме негово проширување кон селото Лески и кон буковата шума на Плачковица. Исто така, сакам да упатам благодарност и до месното населчение кое помогна во гаснењето“, истакна Станко Спасов, командир на ТППЕ – Виница.
Според првичните проценки, пожарот зафатил површина од околу десетина хектари нискостеблеста шума и сува вегетација, но за среќа нема поголема материјална штета.
Пожарникарите сѐ уште се на терен за да ја контролираат ситуацијата во текот на вечерните часови.