Спасовски: Слушам ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за пасош издаден во јануари, а тогаш Чулев беше министер

„Слушам во изјавите кои ги даваат деновиве дека станувало збор за една патна исправа која е издадена на 29 јануари. Па, кој беше тогаш министер, во 2020 година? Кадар на ВМРО-ДПМНЕ“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за „Ал Џезира“, алудирајќи дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција, кога објавувала податоци за еден од фалсификуваните пасоши, заборавила да напомене дека е издадена кога нивната партија имаше министер за внатрешни.

Спасовски во интервјуто посочи и дека секој граѓанин, посебно политичар, кој има информации за криминал мора прво да ги сподели со надлежните органи.

„Меѓутоа, знаејќи дека има таква истрага, наместо со обвинителството, овие податоци се споделуваат во јавноста, во еден момент кога се знае дека ќе имаме реализација на истрагата. Тоа не може на никаков друг начин да се нарече освен обид на саботирање на истрагата, а од кои причини мислам дека ќе се покаже во наредниот период, за тоа треба обвинителството да реагира, треба да се утврдат овие факти“,  додаде Спасовски.

- Реклама -