Спасовски: Ако постојат индиции за дестабилизација на државата, тогаш институциите треба да реагираат, во спротивно се прави замајување на јавноста

Според него, доколку навистина постојат индиции за дестабилизација на државата наесен, тогаш наитно треба да заседаваат Советот за безбедност и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, но како што посочи, првично треба да се вклучи Јавното обвинителство

Сметам дека е многу несериозно претседател на Влада да излезе и да изнесе информација дека наесен се подготвува дестабилизација на државата, а истата да ја потврди и министерот за внатрешни работи, а при тоа да не се преземе ништо од страна на државните органи. Ова го изјави ексминистерот за внатрешни работи и актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител, одговарајќи на новинарското прашање колку се сериозни информациите што пред неколку дена ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот оваа есен ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.

„Ако се подготвува дестабилизација, нарушување на уставниот поредот или било што друго, што може да го загрози мирот на државата, територијалниот интегритет и суверенитет, здравјето и животот на граѓаните, тогаш подготовките за овие кривични дела се кривично дело. Значи треба веднаш да се реагира, тие што го подготвуваат тоа да бидат приведени и таа група да сноси одговорност. Бидејќи тоа не се случува, тоа е чисто замајување на јавноста. Ќе фрлите информација во јавноста, демек ќе се случува нешто крупно, за да ги прекрите ситее работи што катастрофално се спроцедуваат од формирањето на оваа влада“,

вели Спасовски.

Според него, доколку навистина постојат индиции за дестабилизација на државата наесен, тогаш наитно треба да заседаваат Советот за безбедност и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, но како што посочи, првично треба да се вклучи Јавното обвинителство.

Мора веднаш да се преземат мерки, како што вели, доколку се подготвува загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

„Како држава се уште немаме конституирано Совет за безбедност. Информациите во јавноста од претседателката се дека нема намера да се свика совет за безбедност. Тоа претпоставувам укажува дека претседателката има соодветни информации од Агенцијата за разузнавање и веројатно од тие брифинзи се покажува дека нема ништо сериозно поради што треба да се свика Совет за безбедност. Втората опцја е дека таа сериозност можеби не се сфаќа, па не го свикуваат, што не верувам дека е така. Во минатото, сме имале мигрантска криза, пожари, секогаш ВМРО-ДПМНЕ повикувале да се свика Советот за безбедност, да се разговара за овие прашања. И сега, драма во државата дека нешто наесен ќе се случува, ќе се прават нереди и институциите задолжени за тоа не реагираат“,

рече ексминистерот.

Доколку има сериозни индиции за подготвки за дестабилизација на државата треба да се преземат мерки и да се апси, вели тој, посочувајќи дека е убеден дека е само замајување на јавноста.

„Ако ова е точно, институциите веднаш треба да реагираат. Нема ниту еден граѓанин во Македонија, на кого му е важно дали премиерот или министерот ќе не ифнормира дека нешто наводно се случило. Ние бараме акција. Ако се случува нешто, преземете мерки тоа да не се случи. Заштитете ја државата, заштитете ги граѓаните“,

вели тој.

На прес-конференцијата што ја имаше заедно со косовскиот премиер Албин Курти, премиерот Христијан Мицкоски рече дека има информации, добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција, како што рече, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Тој дополни дека според информациите што ги има се очекува тоа да се случи оваа есен.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова не планира да го свика Советот за безбедност по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ оваа есен може да преземе чекори за дестабилизација на државата. Ова за „360 степени“ го изјавија од кабинетот на претседателката.
Инаку, Советот за безбедност е највисокото советодавно тело на Република Северна Македонија кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози до Собранието и Владата.

По наводите на Мицкоски со официјален став излегоа од ДУИ, од каде што рекоа дека не ги коментираат ваквите политички спинови и блефови и дека како државотворна партија тие се гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на Северна Македонија.  

- Реклама -