Голема грешка е Законот за легализација на дивоградбите, а уште поголема е членот 41 од истиот, со кој се запираат кривичните постапки против оние што „беа свесни дека прават кривично дело со градење без градежна дозвола“, пишува на Фејсбук универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов.
„Гордана Силјановска овој пат е во право и штета што ниту еден пратеник од СДСМ не се спротивстави на овој чин на ‘заеднички договор за непочитување на законите и на правната држава’.
И да се поништи и да не се поништи, од овој закон штета ќе има пред сѐ СДСМ, бидејќи голем дел од нас и така ВМРО го сметаме за неодговорна партија. СДСМ не смееше да дозволи со еден ваков чин да им даде за право на оние што се обидуваат да докажат дека е ист со ВМРО“, порачува Спасов.
Според него, „користа што можеби некој ја пресметал за општините пред локалните избори од легализацијата – преку наплатување на 50% повисоки давачки за легализирање на дивоградбите, ќе биде многу помала од штетата што се прави со пораката ‘градете на диво, а кога и да е, тоа ќе се легализира’ и од скриената амнестија што ја изнудиле од ВМРО“.
Спасов, како и некои други, смета дека Пендаровски не треба да го потпише законот. Односно, тој смета дека законот треба да биде вратен на доработка и пред сѐ да биде избришан членот 41, а наместо тоа да се имплементираат дел од добрите идеи изнесени во јавноста од разни страни, кои одат во насока на тоа да се дозволи легализација само на дивоградби кои не ги нарушуваат суштествено ниту ДУП-овите ниту ГУП-от и не ги загрозуваат заштитените зони и националните паркови.
„Сѐ друго ќе биде погубно пред сѐ за СДСМ и ќе ја зајакне улогата на Левица и на малите партии што не гласаа за овој закон. Уставниот суд би можел со голема леснотија да го укине овој закон, а тоа би бил дополнителен пораз за СДСМ“, предупредува Спасов.