Сите оние кои очекуваа „Спајдермен 4“, нека не се надеваат повеќе. Официјално е потврдено дека целиот серијал ќе се снима одново: со нов режисер, нов кастинг… и сосема нов Спајдермен.
Сите оние кои очекуваа „Спајдермен 4“, нека не се надеваат повеќе. Официјално е потврдено дека целата франшиза ќе се снима одново: со нов режисер, нов кастинг…и сосема нов Спајдермен.
Трилогијата беше режирана од Сем Рејми, кому ова му беше прв поголем проект. Но, и покрај тоа, тој својата работа си ја заврши одлично. Барем до некаде, т.е. до третиот дел. Иако третиот дел не беше катастрофален, вистината е дека не беше ни толку добар како првите два. Тоа е така, барем според Рејми, бидејќи Сони управувал со проектот, а не тој. Незадоволен од нивната постапка, тој одби да го режира четвртиот дел. Другата страна на приказната, пак, е дека Сони веќе не сакал да соработува со него, незадоволни од слабиот успех.
Веќе подолго време кружеа гласини, но сега и официјално е потврдено:
Марк Веб ќе седи на режисерското столче. Марк Веб можеби порано не беше популарно име во Холивуд, но по успехот на неговиот фантастичен “500 Days Of Summer”, златните врати во Холивуд му се ширум отворени. Но, дали Веб ја одбра вистинската врата? Дали „Спајдермен“ е навистина проектот за него? Само времето ќе покаже.
Но, дали 3D верзијата гарантира успех? Не. Има неколку причини зошто овој филм воопшто не треба да се снима:
– Сѐ уште првата трилогија ни е „свежа“ и добро ја паметиме;
– Тоби Мегваер беше првиот филмски Спајдермен и не можеме да си замислиме Спајдермен филм без него;
– Веќе сѐ е кажано: малку е нелогично одново да се запознаваме со Питер Паркер и со неговите непријатели. Веќе видовме како ги победи речиси сите;
– Сони ја има контролата, а не Марвел (тоа е и една од причините зашто на Сони им се брза – правата за филмот им истекуваат);
– Никогаш нема да кастираат толку добри актери: Тоби Мегваер, Вилијам Дефо, Кирстен Данст… и кога би имало четврто продолжение, ќе го видевме и Џон Малкович како негативец.
Обожавателите не очекуваат поквалитетен „Спајдермен“, од причина која веќе ја кажавме: Сони ги држи сите конци, а не Марвел. Кога Марвел беа главни, во случаите на „Хулк“ и фантастичниот „Железен Човек 1 и 2“ – тие филмови беа вистински успех.
Одново се снимаа и Бетмен филмовите и доживеаа голем успех, но во случајот на Бетмен – едноставно мораа да се снимаат одново. Старите делови беа премногу комични и безнадежни. Посебно не со Бет-костимот на Џорџ Клуни – со брадавици. Но, Бетмен филмовите ни покажаа нешто што досега го немавме видено на филм: Страшилото и Ра Гул во „Batman Begins“. Додека пак „Спајдермен“ веќе ни ги покажа сите негативци.
На вистинските обожаватели на ликот и делото на „Спајдермен“ (вклучувајќи го и авторот на овој текст) не им преостанува ништо друго, освен да чекаат до 2012 – кога и е закажана премиерата на првиот филм. Тоа, и да се надеваат дека Сони ќе се откаже од овој проект.