Советот за безбедност на ОН повика на зголемени дипломатски напори за спречување на поширока војна на Блискиот Исток

Кина, Русија и Алжир синоќа го осудија убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, што иранскиот амбасадор во ОН го нарече терористички чин, додека САД, Обединетото Кралство и Франција посочија дека Иран ги поддржува дестабилизирачките актери во регионот

Советот за безбедност на ОН, на итна седница која се одржа синоќа, повика на зголемени дипломатски напори за спречување на поширока војна на Блискиот Исток. Ова следи по убиствата на водачите на милитантните групи Хамас и Хезболах.

Кина, Русија и Алжир синоќа го осудија убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, што иранскиот амбасадор во ОН го нарече терористички чин, додека САД, Обединетото Кралство и Франција посочија дека Иран ги поддржува дестабилизирачките актери во регионот.

„Се плашиме дека регионот е на работ на сеопфатна војна“,

рече заменик-претставникот на Јапонија во ОН, Шино Мицуко и ја повика меѓународната заедница да спречи таков конфликт.

Кинескиот амбасадор во ОН Фу Конг, изјави дека неуспехот да се постигне прекин на огнот во Газа е одговорен за влошување на тензиите, пренесуваат британските медиуми.

„Земјите со големо влијание мора да извршат поголем притисок и да работат поенергично за да го изгаснат пламенот на војната во Газа“,

додаде амбасадорот Фу.

Британската амбасадорка во ОН Барбара Вудворд, повика на смиреност и воздржаност и го повтори повикот за итен прекин на огнот во Газа. Таа истакна дека Израел и Хамас мора повторно да се обврзат на мировен процес што ќе резултира со решение за две држави со безбеден Израел и суверена палестинска држава.

„Патот кон мирот мора да биде преку дипломатски преговори. Долгорочниот мир нема да биде обезбеден со бомби и куршуми“,

рече Вудворд.

Роберт Вуд, заменик-амбасадорот на САД во ОН, ги повика членовите на Советот за безбедност кои имаат влијание врз Иран „да го засилат притисокот врз него за да престане да ескалира конфликтот против Израел и другите актери“.

Иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид Иравани, рече дека Техеран постојано покажува максимална воздржаност, но го задржува правото да одговори одлучно.

Тој го повика Советот за безбедност да го осуди Израел и да го казни со санкции.

Заменик-претставникот на Израел во ОН, Џонатан Милер, го повика Советот за безбедност да го осуди Иран за поддршка на регионалниот тероризам и да ги зголеми санкциите против Техеран.

„Ќе се браниме и ќе одговориме со голема сила против оние кои ни штетат“,

рече Милер и го повика светот да го поддржи Израел.

Израелскиот премиер премиерот Бенјамин Нетанјаху, вчера по атентатот на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран, и на висок лидер на Хезболах во Бејрут, Фуад Шукр, изјави дека Израел ќе одговори силно на секој напад.

Нетанјаху истакна дека Израел им нанел тешки удари на проиранските милитантни групи во изминатите неколку дена, вклучувајќи ги Хамас и Хезболах. Сепак, тој не го спомна убиството на Ханије, што предизвика закани за одмазда.

- Реклама -