Советот на Општина Гостивар одобри јавно-приватно партнерство за поставување соларни панели на општински објекти

Советот на Општина Гостивар на денешната 34-та седница со 20 гласа ЗА и 9 воздржани ја изгласа одлуката за избор на компанија за воспоставување на јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и поставување на соларни панели на објектите кои се во сопственост на Општина Гостивар.

„Компанијата „Бурими 21“ од Длапкин Дол, Кичево, беше единствената компанија која се пријави на јавниот оглас, со финансиска понуда од 330 милиони денари, по што комисијата ја разгледа понудата и ја потврди за прифатлива“, образложи Башким Асани од канцеларијата за локален економски развој.
Одлуката за јавно-приватно партнерство предвидува поставување на соларни панели на вкупно 29 објекти, на општинската зграда, училиштата, градинките, спортската сала и други јавни општински објекти со вкупна површина од 44.000 м2, на период од 25 години.
На седницата беа усвоени неколку одлуки врзани со функционирањето на Јавните претпријатија „Комуналец“ и „Градски паркинг и зеленило“, како и распределба на средства од Буџетот на Општина Гостивар.
Сподели ја веста:

Извор