Советот на јавни обвинители на денешната 90. седница едногласно ја разреши поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска од функцијата јавен обвинител.
Заради заштита на угледот и интегритетот на јавните обвинители против кои се води постапката, јавноста беше исклучена од расправата по оваа точка, а гласањето беше јавно. Советот најпрво едногласно ја отфрли како неоснована жалбата на Русковска во врска со предлогот за нејзино разрешување, а потоа едногласно го усвои и предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за нејзино разрешување.
Претседателката на Советот на ЈО, Душица Димитриеска, по седницата во изјава за медиумите рече дека разрешувањето на Русковска е поради сторена тешка дисциплинска повреда, а дејствијата кои ги презела ќе бидат детално опишани во писмено изработената одлука, што ќе биде јавно објавена.
„Писмено изработената одлука ќе биде објавена на веб страната на Советот на ЈО и ќе може подетално да се запознаете со истата“, изјави Димитриеска.
Во однос на одлуката за намалување на платата за 30 проценти во период од шест месеци на јавната обвинителка Ивана Трајчевска, Димитриеска рече дека таа е денеска донесена и е правосилна, и Секторот за финансиски прашања при ЈОРСМ треба тоа да го спроведе.
По спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот на обвинителот-известител Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во март годинава подонесе предлог за разрешување за поранешна шефица на ОЈО ГОКК Вилма Русковска, предлог за дисциплинска мерка – намалување на плата во висина од 30% од исплатената нето плата во траење од 6 месеци за јавната обвинителка Ивана Трајчевска, а за јавната обвинителка Елизабета Јосифовска одлука да биде ослободена од одговорност, бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство.
По претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО ГОКК извршен на 18 јули минатата година, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја суспендира Русковска од работа и донесе одлука за отворање дисциплинска постапка против трите обвинителки.
Советот на денешната седница, меѓу другото, донесе и одлука за формирање на комисии за подготвување на кандидатска листа и за спроведување за избори за членови на Советот на јавни обвинители од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип.
МИА