Договорот за добрососедство склучен меѓу премиерите Борко Борисов и Зоран Заев е единствениот пат на зајакнување на меѓусоседските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и пријателството меѓу двата народа, сметаат од здружението за меѓународна политика „Совет на амбасадори“.
Оттаму велат дека остануваат на цврстиот став дека „минатото нѐ научи дека треба да бидеме свртени кон иднината, без условувања, туку напротив, со отворена поддршка, како што е заедничката заложба во Договорот и чесните изјави дека треба да ги отпочнеме преговорите и побргу да ги исполниме условите за полноправно членство во Европската унија“.
Соопштението следува откако во двете држави одекнаа ставовите на првиот министер за надворешни работи на државава – Денко Малески, изнесени прво во неговата колумна, а потоа и во негово интервју за бугарска телевизија, наидувајќи на силни реакции во македонската јавност.
„Низ медиумите се јавија поединци и припадници на разни политички страни, подоцна и претставници на високи државни инстанци. Сите тие мислат, не се согласуваат, се оградуваат и на свој начин ги критикуваат и толкуваат позициите на поранешниот министер за надворешни работи. Некои сметаат дека неговата ненадејна и чудна позиција, со уште почудно толкување се базира на разни новинарски извештаи и изјави и секако ‘заборавање’, на уште посилни и поинакви факти од сознанијата од голем број релевантни државни архиви на ЕУ земји, САД но и други земји кои на свој начин и за свои интереси ги следееле настаните на крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век.
Познато е дека Јужниот дел на Балканот, во кој се наоѓал дел од географскиот простор на Македонија, бил неколку стотини години постојано запоседнат или окупиран од разни држави во години чии служби внимателно и за различни интереси следеле сѐ до создавањето на првата Народна Република Македонинја во составот на Поранешна СФР Југославија“, велат од „Советот на амбасадори“.
Од здружението потсетуваат и на нивниот став изнесен на 24 декември минатата година – дека условот Северна Македонија да стане членка на ЕУ не би требало да биде прифаќање на интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и македонскиот јазик како единствена историска вистина, туку тоа да се заснова на заедничката вистина утврдена од комисиите кои треба да ги унифицираат разликите во толкувањето на заедничкото историско минато.
„Советот на амбасадори“ се осврна и на реакцијата од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, за која оценуваат дека доаѓа „со мало задоцнување“ и во која се изнесува „благо мислење“ за човек кој е на високи позиции во државните структури и актуелен надворешен советник на претседателот.
Извор: Сител