Автобусот поминал на сервис пред да тргне од Турција и сѐ било исправно, тврди сопственикот на компанијата „Беса Транс“ – Беким Хаџиу, во ексклузивно интервју за БНТ и негово прво појавување во јавноста по трагедијата на автопатот „Струма“ во која загинаа 45 патници. Како што наведува БНТ, средбата со него била остварена во канцеларијата на неговиот адвокат.
За БНТ, Хаџиу ја исклучува можноста некој од патниците да внел лесно запаливи средства. Притоа, тој открива дека и тој и неговото семејство биле дел од истата екскурзија, но патувале во другите автобуси. Вели дека досега не проговорил пред медиумите бидејќи сѐ уште е во шок од она што се случи. Потенцира дека на секој можен начин соработува со истражителите за утврдување на причините за несреќата.
За кобниот автобус, Хаџиу вели дека бил произведен во 2007 година, но „Беса Транс“ го купила пред три години. Досега, вели, немало никаков технички проблем со автобусот.
За трагедијата, сопственикот на „Беса Транс“ вели дека сѐ уште му е тешко да ја прифати.
„Си велам, зошто не сум јас во тој автобус, да умрам и јас во автобусот. И многу пати си го реков тоа“, споделува Хаџиу со БНТ.
Тој и неговото семејство често биле дел од екскурзиите кои неговата компанија ги организира. Така било и овој пат. На враќањето од Турција, тој и неговата сопруга патувале со автобусот кој се враќал прв. Нивните деца се враќале со еден од останатите автобуси, открива тој.
Меѓутоа, на граница, на излез од Бугарија, тој дознал дека еден од неговите автобуси имал несреќа.
„Им реков да ме однесат до местото, да видам со свои очи што се случило таму“, раскажува Хаџиу за БНТ, додавајќи дека фатил такси и се вратил назад. На местото на несреќата останал со часови.
Сопственикот на „Беса Транс“, меѓутоа, не сака да ги коментира теориите за трагедијата бидејќи истрагата е во тек. Потенцира, сепак, дека три седмици пред инцидентот, автобусот поминал на технички преглед, како и дека секое од возилата пред секое патување оди на сервис.
„Пред да тргнеме за Турција им правиме сервис, контролираме, повторно и кога ќе стигнеме во Истанбул и таму одиме на сервис да се контролира, превезуваме патници, да видиме каква е ситуацијата. Сѐ беше во ред и натаму и кога бевме таму на сервис. Кога има нешто ни кажуваат веднаш, да го поправиме“, изјави Хаџиу.
Туби со нелегално внесено гориво, според него, немало во автобусот. Повикувајќи се на строгите проверки на бугарските граници, тој ја исклучува и можноста некој од патниците да внел лесно запалива материја.
„Има туби во секој автобус, тие се со вода. Секој автобус треба да ги има, за секој случај. Тоа е резервна вода. Строги контроли на влез во Бугарија, багаж, шофер, сѐ, што се носи“, потенцира Хаџиу.
За шоферите на автобусот, сопственикот на „Беса Транс“ вели дека биле добри и искусни професионалци кои многу пати возеле по таа маршрута. Потенцира и дека строго ги почитувале часовите за одмор. Во однос на брзината, Хаџиу потенцира дека автобусот имал фабричко ограничување и не можел да крене повеќе од 100км/ч.
На прашањето дали автобусот ги имал сите неопходни документи, Беким и неговиот адвокат одбиваат да коментираат, со образложение дека истрагата е во тек.
„Можеме категорично да кажеме дека компанијата ‘Беса Транс’ поседува лиценца за извршување на транспортна дејност на територијата на Европа и за вршење на туристичка дејност повторно на територијата на Република Северна Македонија и надвор од државата“, изјавил за БНТ адвокатот Љубомир Таков.
Во интервјуто, Хаџиу раскажува и дека фирмата е основана во 2009 година, но редовно врши превоз до Истанбул веќе 4 години. Цената е 80 евра и вклучува пат и две ноќевања, а сеоја дополнителна екскурзија и услуга во рамки на патувањето се доплаќа.
Инаку, од моментот на несреќата Хаџиу престојува во Бугарија. Вели дека изнајмил место за престој за, како што вели, да им биде на располагање на истражителите, но и на семејствата на настраданите. Неговите блиски се исто така во контакт со роднините на патниците кои загинаа во несреќата.
„Никој не сакал тоа да се случи, секој знае. Таа трагедија никому да не му се случи. Тажна, многу тажна трагедија. Не знам веќе што да кажам“, вели сопственикот на „Беса Транс“.
Како што додава БНТ, Хаџиу истакнал и дека не се чувствува загрозен/исплашен од никого. Разговорот погледнете го ТУКА.