Ако не сте знаеле, на Reddit има една секција што во 90% од случаите гарантирано ќе ве насмее. Насловена е „TIFU“, скратено од „Today I Fucked Up“ („Денес заебав“). Како што веќе претпоставувате, овде луѓе ги раскажуваат своите најсрамни и најлоши ситуации, а кога се на туѓа кожа, таквите знаат да се и те како смешни.
Се разбира, на TIFU има и многу лажни приказни, ама корисниците таквите брзо ги ловат. Оваа овде, меѓутоа, е ем една од култните, ем потврдена од сопругата. Оди вака:
„
Минатата вечер, шефицата од новото работно место на жена ми нé покани на вечера. Додека возевме натаму, жена ми безброј пати ми повтори колку е важно да оставам добар впечаток.
Јас на тоа вратив со превртување очи, гримаси и арогантно потсетување за мојата сопруга дека јас секогаш оставам добар впечаток.
Шефицата на жена ми беше сингл дама во своите 50-ти години, па бевме само ние тројца. Додека мезевме салата и пијачки, муабетевме на разни теми и се чинеше дека супер ни оди.
Наскоро таа го донесе главното јадење – по едно убаво, големо и сочно парче стек за секој од нас. Кога почнав да го сечам месото, меѓутоа, сфатив всушност колку стекот е недопечен.
Сум јадел недопечен стек многу пати. Преферирам средно печен, ама можам да се справам и со таков. Ама овој беше „фрлен одвај пар минути на скара“ жив. Можеби можев и да ја вратам во живот кравата, ако се потрудев. Како и да е, седев таму мотајќи со ножот и вилушката, загрижен околу тоа како да се извлечам со фактот што нема да го изедам овој стек.
Да се правам веган? Не, веќе изразив огромен ентузијазам во моментот кога го видов стекот…
Баш тогаш, нашата домаќинка се извини за да оди до кујната и да се погрижи за подготовката на десертот. Кога погледнав преку фенси трпезата кон отворениот прозорец на овој апартман на 3-ти кат… Над главата ми светна замислена сијалица, како во цртан.
Знаев дека морам да сум одлучен, знаејќи дека таа ќе се врати во секој момент. Се осмелив. Го грабнав стекот во рака, нежно го истресов сокот и обавив совршено фрлање токму во центарот на тој отворен прозорец.
Тука заебав, на велико. Прозорецот не беше отворен. Беше тоа најчистиот еб*н прозорец што сте го виделе во животот. Барем додека мојот главно сиров стек не удри во стаклото и не се лизна полека кон дното, оставајќи крвава трага попат.
Жена ми, чиј стек беше фино печен и која не беше свесна за мојата ситуација – се сврте, со зината вилица, и зјапаше во мене како да сум вонземјанин од друга планета. Овој поглед потоа полека се претопи во „нема-место-на-планетава-на-кое-ќе-можеш-да-се-скриеш-од-мене“ израз на чист демонски гнев.
Шефицата на жена ми го слушнала ударот на стекот во прозорецот и дојде многу брзо. Ја разгледа сцената – стекот на прозорската рамка, крвавата трага, мојата празна чинија – и ме погледна со прашален, фрапиран поглед.
Едноставно не знаев што да речам. Ми делуваше како минута молк, но веројатно беа 3-4 секунди. На крајот, најдобро што успеав да речам беше: „Јас… Многу ми е жал… Многу сум несмасен… Не знам… Само го сечев… и… ми се лизна… прашајте ја жена ми, многу сум несмасен… нели, душо?… (немаше помош од таа страна)… Ќе го исчистам ова… Не можам да верувам… Многу ми е жал…“, итн, итн…
Двете продолжија да зјапаат во мене како да имав избегано од лудница додека ја размачкував крвта по прозорецот бришејќи ја со мојата платнена салфетка, додека го подзачистував стекот, и додека продолжував да го мрморам моето неразбирливо извинување. Знаев дека никој нема да наседне на приказната.
Знаев што треба да направам. Се вратив на своето место како овчичка, и продолжив да го јадам секој гриз од тоа одвратно, студено, тегаво, крваво, сирово парче стек.
Останав прилично тивок до крајот на вечерта. Единствените два збора што жена ми ми ги има кажано од инцидентот наваму се „Океј сум“.
АПДЕЈТ: Само што ја имав првата пост-„Океј сум“ комуникација со жена ми, преку порака, додека е на работа…
„Добри вести, шефицата и јас само што се изнасмеавме околу тоа колку си еб*н идиот. Се надевам дека знаеш дека ова никогаш нема да можеш да го надживееш. Те сакам, морону.
“
* * *
PS. Ако ви се чита и верзијата на жена му, ќе ја најдете ТУКА.
PPS. Ако некогаш ви се случи истото, решението ќе го најдете во коментарите, каде секогаш висат дежурните паметњаковичи. Овојпат стварно се погоди некој паметен (и тоа со име “easygenious“).
„Требало да направиш вака“, вика генијот. „Ги сечеш двата стека – твојот и на жена ти, на пола, и менувате по една половина пред шефицата да се врати. Потоа и двајцата ја јадете добро зготвената половина и опишувате колку е вкусна, ама напоменувате дека сте сити и дека нема да можете да ја довршите и другата (недопечената). Аман бе, човек, толку ли не ти текна?“
Друго, помалку брилијатно решение според коментарите: „Кога веќе си го фрлил стекот, си можел да одиш да го допечеш, демек да ги убиеш бактериите“.