Се зголемува ли присуството на симболот од Кутлеш, или едноставно сега доаѓа до израз, откако истиот беше отстранет од јавните површини, како што беше предвидено со Преспанскиот договор, уште при неговото прво објавување во јавноста? Едно е сигурно, откако темелно се спроведе таа обврска на Втората страна во Договорот (слика горе), на друштвените мрежи се слави секое помало и поголемо постоење на Сонцето од Кутлеш, без оглед колку и да е незначајно, барем во однос на реалноста на терен – од знаменце во училница на наставник иселен во САД, па до ѕид на некоја приватна куќа.
Последен таков пример е објавен на Фејсбук групата на „Млади за Македонија“ – здружението кое во повеќе наврати организираше и учествуваше на протести против Преспанскиот договор и промената на името на државата:
„Секоја чест за домаќините на оваа преубава македонска куќа. Македонски непокор полека, но сигурно се шири како виpyс. Нема тука да застанеме, ова е само почетокот на освестување и обединување на Македонецот“, пишуваат „Млади за Македонија“ под споделената фотографија од ѕид на приватна куќа, покрај кој се гледаат скали и градежен материјал, што упатува дека е свежо бојадисан во ликот на знамето со Сонцето од Кутлеш. Во постот здружението порачува и дека допрва пристигнува времето за слободна (па дури) и обединета Македонија. „Никогаш северна, само Македонија“, стои на крајот на пишаното, а статистиката може да потврди дека ваквите содржини неретко се меѓу најпопуларните на социјалните мрежи, посебно на Фејсбук.