И покрај импресивно високата цена на сончевите панели на Tesla, прелиминарните нарачки (pre-order) создадоа опашка за чекање долга една година. Во меѓувреме, има добри шанси на пазарот да се појават многу поевтини алтернативи.
Прв кандидат се соларните панели на истражувачите од австралискиот универзитет во Њукасл, предводени од Пол Дастур, исто така наменети за поставување на покрив. Според инженерите, овие чинат 30 пати поевтино отколку понудените од Tesla.
Панелите на Дастур и тимот се изработени со технологија за печатење со електронско мастило врз транспарентни пластични фолии. Новите соларни панели се добиваат лесно, флексибилни се и компактни. Освен тоа, можат и да се преработуваат.
Кога соларните панели имаат 100 метри квадратни силициумски ќелии, обично се големи, тешки, и направени од стакло. Обично тежат колку африкански слон. Но направени од овој материјал, 1000 метри квадратни тежат околу 100 килограми, вели професорот Бен Воган.
Без разлика што се направени од пластична маса, овие панели се одликуваат со голема цврстина. Направени се од материјалот од кој се произведуваат шишињата на Coca-Cola, затоа и можат да се рециклираат. Доволно е да се растопи материјалот, и потоа може повторно да се употреби.
Друга предност е што работат и при слаба светлина. Со тоа нивната употреба е поефикасна отколку екстракција на енергија преку фосилни горива.
Квадратен метар од овие панели ќе чини 7.42 долари. За споредба, Tesla ја нуди истата количина за 235 долари.
Моментално се наоѓаат во финалниот стадиум на тестирање. Врз основа на досегашните резултати, инженерите очекуваат оваа нова технологија да стане масовно распространета.
Дастур и неговите соработници работат на „печатените“ соларни панели повеќе од 10 години. Универзитетот во Њукасл во моментов е едно од трите места во светот каде што се работи на развој на ваква технологија базирана на електронско мастило за пренос на електрична енергија.