Собранието ги донесе дополнувањата на Законот за енергетика со кои треба да се спречи поскапување на струјата од 1 јули

Кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела го поднесоа предлог-законот, лидерот на партијата и сегашен премиер Христијан Мицкоски рече дека домаќинствата кои се во првата и во втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така изрази очекување тој позитивно да се одрази и на оние што влегуваат во третата и во четвртата група, односно зголемувањето на цената на струјата за нив да не биде значително и да се движи помеѓу 1 и 2 отсто

Со 84 гласа „за“ Собранието попладнево едногласно го донесе Законот за дополнување на Законот за енергетика со што ќе се спречи зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули годинава за домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар.

Со дополнувањата на Законот во членот 1 се врши дополнување на членот 101 односно се додава став (10) кој има за цел утврдување на исклучок од ставот (9), односно доколку назначениот универзален снабдувач ја обезбедувал универзалната услуга до завршување на утврдената тендерска постапка, да не е должен да основа ново друштво за обезбедување на услугата. Со ваквата одредба освен сигурно и безбедно се обезбедува и континуитет во снабдувањето со електрична енергија. Со членот 2 се врши дополнување во членот 237 преку додавање на став (14) кој е усогласување со членот 1 од овој закон односно има иста цел – обезбедување сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија.

Претходно, законските дополнувања беа усвоени на матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика и Законодавноправната комисија. 

Претседателот на Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и еден од предлагачите на законското решение, посочи дека измените се многу суштински, но се прилично едноставни, поради што законот е поднесен по скратена постапка.

„Со измените бараме две работи да се инкорпорираат во постојното законско решение. Првата е да се продолжи лиценцата на правното лице во наредните шест месеци. Тоа треба да се направи за да се скокнат сите процедури со кои се бара во сегашното законско решение да се оформи ново правно лице што всушност е истото правно лице. Тоа се прави за да не се губи време за други пропратни елементи за новоформираното правно лице. Втората работа е да се утврди износот на маржата која наместо 11,5 ќе биде 9,9 проценти. Тоа е особено важно бидејќи четирите контрибутори кои ја дефинираат цената на електричната енергија се множат со овој коефициент“,

рече Стојаноски.

На овој начин, додаде тој, цената на електричната енергија за домаќинствата и на малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар ќе остане иста без да се мешаме во работата на независните регулаторни тела. Воедно би можело да се избегнат на некој начин и преостанатите 15 проценти од потребите на регулираниот пазар за кои универзалниот снабдувач даде изјава дека ќе ги набавува на слободниот пазар и комплетниот конзум да се испорача од нашата држава, што поволно ќе влијае на наредниот регулациски рок по 1 јануари, кога Регулаторната комисија за енергетика ја утврдува цената на електричната енергија.

Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ рече дека предложеното законско решение претставува потврда и продолжување на добрите политики што ги водела претходната влада во делот на обезбедување електрична енергија по цени со кои не се дозволил ценовен шок за граѓаните во време на енергетската и економската криза.

Кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела го поднесоа предлог-законот, лидерот на партијата и сегашен премиер Христијан Мицкоски рече дека домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така изрази очекување тој позитивно да се одрази и на оние што влегуваат во третата и четвртата група, односно зголемувањето на цената на струјата за нив да не биде значително и да се движи помеѓу 1 и 2 отсто.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, во синоќешното интервју за „360 степени“, одговарајќи на прашањето, дали ќе има зголемување на цената на струјата по 1 јули, одговори:

Како просечна цена, ќе се движиме тука некаде, да биде нешто минимално, да нема никаков ефект. Не знам сега да кажам, 1% зголемување мислам дека не е никаков проблем за домаќинствата.

На прашањето, пак, дали ќе има зголемување и во прв и во втор блок или само во трет и четврт, Бислимоски изјави дека ќе почекаат да видат каква ќе биде структурата на потрошувачката по блоковите.

- Реклама -