„Леб и сол Simphony“ е насловот на концертот со кој рок-групата ќе заокружи 40 години од формирањето и ќе ги заврши настапите на сцена. Бендот во состав Кокан Димушевски, Бодан Арсовски, Димитар Божиков и Михаил Парушев, ќе биде придружуван од Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет.
Поради интересот од публиката, ќе има три изведби (20-ти, 21-ви и 22 декември) со специјална програма во која нивните песни ќе прозвучат во оркестарски аранжман. Ќе бидат изведени 15-ина од целиот период на постоењето на групата – од почетокот на кариерата во доцните 1970-ти сé до последниот албум. Биле избрани тие што се податливи за симфониски израз – подолги од оригиналните, со нови делови кои ја прошируваат композицијата.
„Избравме од тие што се малку поинтелектуални. За голем оркестар и хор треба да се избере точно тоа што може да добие заеднички елемент и добивме нова, уникатна форма, рече клавијатуристот Димушевски на прес-конференција во петокот.
Гитаристот Бодан Арсовски истакна дека во нивната кариера изградиле препознатлив звук, пред сé рок, како и музика од други влијанија – џез и техно. Со овој концерт, рече тој, го достигнуваат врвот. Концертот воедно ќе биде и нивно разделување со сцената.
Според Димушевски, завршуваат нивните концертни настапи затоа што, рече, сé има почеток и крај.
„Сé што е зад нас и останува е музиката. Таа ќе трае барем уште 40 години. Ќе ги нема само концертите под името „Леб и сол“, но од музика не се откажувам, можеби кога ќе наполнам 110 години“, рече Димушевски.
Арсовски додаде дека музиката сé уште постои во нив.
„Меѓутоа, скалилата по кои се качувавме цел живот просторно и временски се потрошија, единствено останаа духовните скалила. Ова ќе биде еден убав чин во предновогодишните празници да ви понудиме нешто што ќе ја исполни вашата душа“, рече Арсовски.
МИА