Со проекција на филмот „Кафе“ почна специјалната програма на „Киненова“

Со проекција на филмот „Кафе“ од иранскиот режисер Навид Михадуст синоќа во Кинотека почна специјалната програма на „Киненова“.

На проекцијата на филмот, со видео порака се обратила сестрата на режисерот Навид, Неда Михадуст, информираат од „Киненова“.

Таа посочила дека приказната за филмот „Кафе“ е слична со она што му се случило на нејзиниот брат во Иран.

„Државните органи за прогон во Иран, го повикаа мојот брат да соработува со нив, барајќи од него да биде во контакт со прочуената иранска новинарка и активист за женски права Масих Алинежад, за која тој снимаше филм во 2009-та година. Тој одби да соработува со нив и наместо тоа се надмудруваше со правосудниот систем за да купи уште малку време и да го направи филмот „Кафе“ што беше еден од неговите соништа за да ги прикаже сите неправди кои се случуваат во неговата земја Иран“, рекла Неда Михадуст.

Таа ја прочитала и изјавата на нејзиниот брат, режисерот Навид Михандуст дадена специјално за оваа прилика до македонската јавност и публика. 

„Многу сум среќен што го гледате мојот филм во Скопје, главниот град на Македонија, за што иразувам голема благодарност до г-дин Небојша Јовановиќ што ја организираше специјалната проекција за мојот филм „КАФУЛЕ“. Ја сакам и се восхитувам на уметноста во смисла дека таа е мост за комуникација со образовани и слободоумни луѓе ширум светот, мост кој ги надминува националните и јазичните бариери. Имам измешани чувства во моментов додека мојот филм се прикажува пред вас и покрај фактот што неговиот режисер е затворен во затвор во Техеран. Од една страна сум среќен што мојот независен филм го продолжува својот динамичен живот надвор од ѕидовите на затворот во кој беше затворен неговиот творец, а од друга страна, жал ми е што ја изгубив можноста да уживам во радоста на комуникацијата и да ја видам реакцијата на македонската публика на мојот филм. Се надевам дека ќе дојде ден кога ниту еден филмски работник и уметник нема да биде затворен никаде во светот за снимање филм и искажување на своето мислење“, се вели во пораката.

Специјалната програма продолжи викендов со проекција на „Фатална жена“ на Сем Фринам ин Нг Чон Пинг, а неделава ќе може да се погледнат и наградените филмови на 8. издание на фестивалот: шпанскиот филм „20 000 видови на пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен кој ја доби специјалната награда на жирито на фестивалот Киненова и украинскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбах кој ги доби наградите за најдобро сценарио и најдобра режија на МФФ Киненова 2023. 

Фото: Киненова Извор: mia.mk

- Реклама -