Со помош на полициски хеликоптер е изгаснат пожарот во атарот на селото Карабуниште кој избувна попладнево

На територијата на целата земја се активни шест пожари, од кои најсериозен е пожарот над планинското село Долно Јаболчиште во Општина Чашка, во кој е зафатена квалитетна шума

Полицискиот хеликоптер „Ми-171“ заедно со поддршка од теренско возило од земја успешно го ставија под контрола пожарот во селото Карабуниште кое се наоѓа помеѓу Велес и Зелениково, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму велат дека хеликоптерот бил вклучен во гаснењето оти патот до селото е тешко пристапен и поради тоа што огнот веќе зафатил неколку куќи.

„Во меѓувреме до селото се проби едно теренско ПП-возило, камионет со мала цистерна во приколицата. Пожарникарите и мештаните по земја ќе продолжат со дејство согласно условите. Опасноста по селото е отстранета, поточно да бидат зафатени други куќи од пожарот е анулирана“,

велат од ЦУК.

Фото: ЦУК

Покрај овој пожар, на територија на целата земја има уште шест активни пожари, а најсериозен е оној кај планинското село Долно Јаболчиште во Општина Чашка каде денеска во 11 часот избувна шумски пожар со кој е зафатена квалитетна шума. Во негово гаснење засега се вклучени 20 вработени од Општина Велес кои се на терен и се борат со огнената стихија, која поради ветрот брзо се шири и разгорува, информираат за МИА од Регионалниот центар за управување со кризи – Велес.

Фото: ЦУК

Од РЦУК Велес додаваат и дека во велешко е активен и големиот шумски пожар на планината Мукос во реонот на село Степанци кон месноста викана Кадиица на границата помеѓу Општина Чашка со Општина Долнени со жариште во Ораов Дол кон Кадиица, кој избувна на 24 август. Последниве денови, пожарот е високо во планината на непристапен терен, а во негово гаснење денеска се вклучени само тројца вработени од ШС „Бабуна“.

- Реклама -