Со одлука на владата се укинува функцијата економски директор во јавните здравствени установи

Како што кажа Таравари, за два месецa сите ќе бидат разрешени и веќе нема да постои функцијата економски директор, односно на клиниките ќе има само по еден директор

Се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи, односно ќе се укине постоењето на две управувачки позиции, како организациски и медицински директор. Ова е денешната одлука од владината седница, со што согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита се укинуваат овие раководни позиции, кои досега биле присустни во здравствените домови со над 1 000 вработени, како и на универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институциите.

„На овој начин ќе се укине дуализмот и прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите. На овој начин се исполнува уште едно ветување од програмата на владата“,

се вели во соопштението од владата.

Новиот министер за здравство Арбен Таравари на 24 јуни, два часа откако ја презеде функцијата од заменик-министерката Маја Манолева, најави дека ќе почне да ги разрешува економските директори на клиниките.

Како што кажа Таравари, за два месецa сите ќе бидат разрешени и веќе нема да постои функцијата економски директор, односно на клиниките ќе има само по еден директор.

„Денеска се разрешуваат одреден број економски директоири на коишто им завршува в.д. мандатот некаде до средина на јули. Сите ќе бидат разрешени. Тие што се со мандат, ќе ми треба измени во законот и веќе е дадена наредба што побргу да оди во Парламент измената на законот, да нема повеќе економски директори. Сметајте, за еден-два месеца веќе ќе нема економски директори ниту со закон“,

рече тој.

Што се однесува до оние економски директори што имаат мандат до август или септември, Таравари рече дека во наредните денови ќе види како ќе се постапува бидејќи, како што рече, не сака да ризикува тужби за Министерството.

Таравари на трибина на коалицијата „Вреди“, пред изборот на новата влада, најави дека како министер за здравство штом ја преземе функцијата, ќе се заложи за разрешување на економските директори на клиниките, за кои рече близу 90 отсто се в.д. директори, а за останатите кои се со решенија, ќе поднесат предлог-измени на законот за веќе да не постојат економски директори.

- Реклама -