Со новата влада во Македонија исправена е голема историска неправда кон Србите, вели вицепремиерот Стоилковиќ

Србите застанаа покрај македонскиот народ кога беше најтешко и мојот избор на оваа одговорна функција е логичен редослед на нештата, вели вицепремиерот и министер за односи меѓу заедници Иван Стоилковиќ во интервју за „Политика.рс“

Според него, претходната влада предводена од СДСМ ја довела Македонија до работ на колапс, додека новата, на чело со Христијан Мицкоски, строго се погрижила во новиот владин состав да нема корумпирани или неспособни

Иван Стоилковиќ/ фото: vlada.mk

Најважниот настан за српскиот народ во Северна Македонија измината година е големата изборна победа на коалицијата собрана околу ВМРО-ДПМНЕ, во која е вклучена и Демократската партија на Србите во Македонија. Нејзиниот лидер Иван Стоилковиќ стана вицепремиер во Скопје и министер за односи меѓу заедниците. Тоа што има некој во врвот на извршната власт, не само што ќе ја зајакне позицијата на српскиот народ во соседната земја, туку ќе биде поттик за натамошно продлабочување на соработката на сите полиња, вели Стоилковиќ во интервју за „Политика.рс“.

На прашањето, што за српскиот народ значи тоа што тој е прв Србин кој е именуван за вицепремиер и министер во Владата на Северна Македонија, Стоилковиќ одговара:

За српскиот народ тоа значи дека сега има адреса на највисоките нивоа во македонската влада, дека големата неправда конечно е исправена и дека сега достоинствено партиципираат и имаат кому да се обратат. Има многу работи што ги почнавме, а моравме да ги прекинеме кога се смени владата пред седум години. Има многу позиции кои Уставот ни ги гарантира, но не ги реализиравме поради немање волја и деструкцијата од претходната владејачка гарнитура. Нè очекува сериозна работа, но и нова платформа. За Македонија тоа може да биде само од корист и во полза на уште поголемо подобрување на односите меѓу нашите народи и држави.

Стоиљковиќ во интервјуто оценува дека претходната влада предводена од СДСМ ја довела Македонија до работ на колапс, додека новата, на чело со Христијан Мицкоски, строго се погрижила во новиот владин состав да нема корумпирани или неспособни.

Тој тврди дека СДСМ пред секои избори набрзина формираат две-три „српски“ здруженија и една „српска“ партија од нивните членови чии презимиња завршуваат на -иќ, а потоа, истото го „примаат“ во нивната коалиција, за да се создава илузија дека во власта учествуваат Срби.

„Сигурен сум дека 99 проценти од Србите овде немаат поим кој ги ‘претставувал’ во Собранието изминативе седум години како дел од коалицијата на СДСМ. Како жртви на континуитетот на ваквата политика кон се што е национално, изворните Срби и оригиналните Македонци меѓусебно се препознаа и долги години трае плодната соработка меѓу ДПСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Србите застанаа покрај македонскиот народ кога беше најтешко и мојот избор на оваа одговорна функција е логичен редослед на нештата. Инаку, заплетите не ги создава албанската страна, туку партијата чија политика и пракса се покажа како погубна и за самите нив, односно ДУИ. Тоа е перфидно јавање на бранот на омразата кон Србите за да се омаловажат членовите на ВЛЕН, албанскиот партнер во нашата коалиција. Националниот совет на Србите во Македонија веќе испитува како тоа се одразува на односот на Албанците, не само кон мене, туку и во македонската администрација кон Србите кои ги користат услугите, бидејќи сè уште се главно партиски следбеници на Али Ахмети“,

вели Стоиљковиќ.

За него, важно е што Србите од Македонија веќе „не мора да клечат на колена пред некој нов Лазар Колишевски за да им се отвори врата во Белград“.

„Нив широко им ги отвори претседателот Вучиќ, добредојдени сме и прашани. Останатото е прашање на нашата способност, организација и политичка писменост. Во текот на сите овие години, во кои воопшто не ни беше лесно, се стекнавме со умешност успешно да ги решаваме нашите проблеми без да ја оптоваруваме нашата татковина Србија, која самата помина низ голгота. Сега сè е полесно, а статусот на Србија како лидер во регионот може да биде само корисен за Македонија, на чие чело е оваа влада“,

смета тој.

Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите е еден од петте вицепремиери во владата на Христијан Мицкоски. Тој е и министер за односи со заедниците.

Стоилковиќ е често прозиван во јавноста поради неговите отворени проруски позиции.

На прашање во тој контекст, премиерот Мицкоски неодамна изјави дека секој член на оваа влада мора да има промакедонски позиции, а секој оној што ќе излезе надвор од таа патека, без разлика на позициите, про или какви било, нема да биде повеќе дел од владата.

- Реклама -