Со изложба и филмски проекции, во Скопје денес ќе биде одбележана годишнината од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година.
Во Музејот на град Скопје вечерва во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“ чиј автор е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот.
Во Кинотека на Македонија скопјани ќе можат да погледнат неколку кратки македонски филмови посветени на скопскиот земјотрес.Проекциите почнуваат во 20.30 часот, а ќе бидат прикажани пет кратки филмови и тоа „Школите и универзитетот во скопската катастрофа“, „Писмо од Скопје“, „Проштевање“, „Скопје“ и „Катастрофа, страдања, надежи“.
Во Музеј на современата уметност во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, вечерва во 21 часот, во рамки на Летното кино под тремот, ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31′) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка.
Проекцијата е закажана ќе се одржи во 21 часот, под отворено небо во Музејот.
Филмот следи уметници активни во 80-тите додека создаваат претстави, акции и јавни интервенции. Дел од нив, како Кристо, Симон Шемов, Петар Мазев и Јержи Трелински донираа свои дела на уметничката колекција на МСУ – Скопје, но вклучени се и други како Јозеф Робаковски, Иван Владислав Галета, Џоан Џонас. Во меѓувреме, две фигури, скриени зад бело платно, разиграно ги водат гледачите низ модернистичкото Скопје – велат од МСУ.
По завршувањето на проекцијата, предвидено е дружење со музика.
Од Град Скопје нема најавено никакви содржини за одбележување на денот.
Во земјотресот кој се случи рано утрото на 26 јули 1963 година, животот го загубија 1070 лица, а 3000 беа повредени. Трагедијата засекогаш го смени изгледот на градот под Водно и судбината на неговите жители.
„Скопје не е филм, не е трилер каде што го погодуваме главниот настан. Скопеј е концентрација на човековата борба за слобода, резултат кој инспирира понатамошни борби и неприфакање на поразот”, ќе напише Жан Пол Сартр таа 1963 година…