Снемува чувари по затворите бидејќи се плашат за својата безбедност, тврди Пандов

Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во интервју за МИА тврди дека во моментов недостасуваат меѓу 300 и 400 вработени во затворскиот систем. Една од причините за недостатокот на чувари, вели тој, е што затворските полицајци ги напуштале работните места поради безбедносни причини

Пандов најавува и законски измени со кои повеќе затвореници ќе можат да бидат работно ангажирани надвор од затворите. Ги повикува директорите на затворите да склучуваат договори со општини и фирми за да ангажираат повеќе затвореници

Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, сака да вработи неколку стотини лица во македонските затвори во текот на наредната 2025 година. Така вели во интервју за МИА, аргументирајќи дека во моментов недостасуваат околу 300 до 400 вработени во затворскиот систем.

Александар Пандов, директор на Управата за извршување санкции, фото: МИА

„Кога го говорам ова, тоа значи дека пред сѐ и над сѐ затворски полицајци, меѓутоа и луѓе во ресоцијализација, во финансии, во човечки ресурси, во правниот дел во управите што се на затворите. Се надевам дека тие вработувања ќе бидат одобрени во наредната 2025 година“,

вели Пандов.

Но освен намерата да вработи 300 до 400 луѓе во затворите, Пандов во интервјуто дава свое објаснување и зошто е создаден толкав дефицит. Така, додава, една од причините што нема доволно чувари, е бидејќи си давале отказ поради лична безбедност.

„Тие луѓе чувствувале дека одредени затворени лица имаат таква поткрепа од дел од директорите или надвор од некои одредени моќни политичари, што никој ништо не им може што и да направат внатре и како и да се однесуваат кон затворските полицајци. Тоа е веќе заборавена приказна и затвореници кои така се однесуваат ќе бидат најстрого санкционирани во рамки на позитивните закони што ги имаме, а ги имаме доволно за да може да се справиме сега со нив“,

посочува Пандов.

Пандов, во интервјуто, признава дека затворите се пренатрупани и дека во дел од нив условите се далеку од пристојни. Во тој контекст, тој најавува отворање на повеќе пробациски канцеларии, плус три на постојните 11. Со тоа, заедно со консултации со судството, се надева дека повеќе лица ќе бидат осудувани да ја издржуваат казната дома.

Александар Пандов, директор на Управата за извршување санкции, фото: МИА

„Тие (пробациските канцеларии н.з.) функционираат веќе четири-пет години. Меѓутоа, она што паѓа во очи е дека од 650 луѓе кои се со условен отпуст, 450 луѓе се во Скопје. Скопје е најголем град, има најголем број на осудени лица кои се од Скопје, меѓутоа не е така соодносот. Останатите 200 се од останатите општини во Македонија. Имаме намера, мислам дека веќе и месецов се закажани некои состаноци со одредени судии, а подоцна и цел судски систем да ги поттикнеме, да ги охрабриме да ги употребуваат овие мерки“,

вели Пандов.

Пробацијата за која зборува Пандов не е нова во земјава, но првите посериозни усилби за нејзино операционализирање беа презмени по 2019 година. Како што покажува графичкиот приказ подолу, по бројни консултации и едукации меѓу извршната и судската власт, бројката на затвореници кои ја извршуваат казната дома постепено расте.

За тоа што значи пробацијата, како се спроведува и следи, прочитајта ја/погледнете ја сторијата на линкот подолу.

Друга тема на која Пандов најавува ангажман е работното ангажирање на затворениците. Вели, не бил задоволен од тоа колку од нив имале работа надвор од затворот, па ги повикува и општините и фирмите да бараат ваков кадар.

„Имам забелешки на последниот закон, направен сега во април. Планирам во наредниот период да побарам измени на одредени точки, или вметнување на нови. Забелешка е тоа што кај нас, доколку говориме дека имаме 2 400 затвореници, мислам дека околу 100 се само работно ангажирани. Моите насоки кон директорите на затворите се да се обидат да постигнат договори со градоначалниците, со други фирми, што поголем број на затвореници да бидат работно ангажирани,“

вели Пандов.

Во дел од интервјуто, директорот Александар Пандов ја префрли одговорноста за состојбите во затворите на претходната власт, посочувајќи дека тоа што е обновено или изградено е направено во времето на претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ. Фактографската проверка говори дека тој став на Пандов не е точен. Во изминативе години се реновирани делови од „Идризово“, Шутка, затворот во Битола.

Тоа што е точно е дека темпото со кое обновуваат или отвораат нови капацитети е незадоволително бавно. Тоа е така со децении, независно кој е на власт. Хронологијата може да се најде низ извештаите на Европската Унија или на Комитетот за заштита од тортура на Советот на Европа.

- Реклама -