Смртта на Харамбе и правдата на интернет толпата

0601ctmyuccasgorillazooscrutiny1071335640x360[1]

Интернет уште е запален околу смртта на мајмунот Харамбе. Воедно, тоа е и тазе пример како друштвената мрежи овозможуваат веста за смртта на едно животно да се рашири, притоа овозможувајќи секакви видови на интернет напади, навреди и бес околу тоа како вакво нешто можело да се случи. Уште пред деталите да бидат јасни, уште пред да се изјаснат експертите, луѓето на интернет си кажаа сé што имаа околу настаните.

Но, сега сме во нова фаза, и тоа страшна – фаза што е дел од овој топ на стории, во кои интернет толпата бара некој да плати за смртта. Конкретно, многумина бараат да бидат казнети родителите на 4-годишното момче што успеа да отползи во кафезот на Харамбе. Нивниот аргумент е дека смртта на мајмунот е по вина на родителите, бидејќи тие не обрнувале внимание на нивното дете, а зоолошката беше приморана да го убие животното само затоа што детето беше се најде во позиција да е во опасност.

Во петицијата со стотици илјади потписи, луѓето бараат „родителите да бидат сметани за одговорни за недостигот од супервизија и небрижноста што предизвика Харамбе да го изгуби животот“ и „активно охрабруваат истрага во домот на детето, во интерес на заштита на детето и неговите браќа и сестри од понатамошни инциденти заради родителска негрижа што може да резултира со сериозна повреда или дури и смрт“.

Звучи малку нездраво, зар не? Ама не завршува сé со петицијата. Се појави и онлајн тортура на жена која случајно го има истото име со мајката на 4-годишникот (Мишел Грег). Вистинската мајка, од друга страна, го има деактивирано Фејсбук профилот. Сега кога нејзиното име е познато, онлајн тортурата е само предзнак на тортурата што следува.

Мајката и самата (во сега избришан фејсбук пост) изјави дека згрешила што го тргнала погледот од нејзиното дете. Но тоа не го сопре бесот на луѓето, од кои најголем дел беше насочен кон нејзината изјава „несреќи се случуваат“ – која многу луѓе ја интерпретираа како безобзирност околу големата опасност на која го изложила своето дете. Па така, луѓево ги повикаа владините органи (буквално се јавуваат на телефон) да ја испрашаат и потенцијално, да го растурат семејството, а како што рековме, малтретираат и луѓе што единствено нешто што го имаат со настанот е што имаат слично име.

Сето ова треба да запре пред да се оди понатаму. Секој од нас се сложува дека смртта на Харамбе е трагична, но било каков обид за уништување на туѓите животи уште пред да има било каква индикација дека ова е нешто повеќе од само една несреќна ситуација по вина на мајката, е начин на кој не смее да се дели правда. За жал, делење на правда од самата интернет толпа по сé изгледа станува норма, и тоа во секоја ситуација кога луѓето наоѓаат сторија во која можат да истурат бес.

Интернет правдата станува норма

527281740[1]

Едно е ако реакцијата на смртта на Харамбе е единствениот пример кога правдата на толпата оштетува туѓи животи. Но, вакви примери имаше и порано. Во претходните случаи, интернет толпата исто така реагираше луто на одредени стории или движења преку малтретирање на луѓе, закани по живот, па дури и уништување на егзистенцијата на другите.

Тазе пример е и смртта на лавот Сесил, кога еден американски забар – Волтер Палмер, улови мошне сакан лав. Без око да ѝ трепне за тоа каков импакт би можело тоа да има врз семејството или вработените на Палмер, интернет толпата тргна во напад на сите аспекти од неговиот живот.

Во тоа време, Макс Фишер за Vox напиша:

„Интернет корисниците ги открија личните информации на Палмер, вклучувајќи и информации за неговото семејство, и ги објавија онлајн. Го нападнаа неговиот бизнис – приватна дентална клиника, постирајќи илјадници негативни оценки на Yelp и други слични сајтови. Ординацијата оттогаш е затворена. Интернетџиите се впуштија и по професионалните веб сајтови на кои остана да стои работниот профил на Палмер, барајќи од нив да ги тргнат неговите информации. На Твитер и на Фејсбук страната на неговата ординација, луѓето се закануваа и со физичко насилство.

Би требало ова да ви изгледа познато: тоа е истата тактика што беше искористена во кампањите за онлајн насилство како ‘Gamergate’ движењето кое таргетираше жени во технологијата, или бескрајното онлајн малтретирање на новинарки. Тоа е растечки тренд на делење правда од страна на интернет толпата, правда што често преминува во насилство во реалниот свет и има последици во истиот тој реален свет“.

Како што забележува Фишер, кога се работи за Gamergate (по објавата на обвинувачки пост од страна на поранешното момче на Зои Квин – девелопер на игри, интернет толпата се обедини под хаштаг Gamergate и ширеше невистини дека таа влегла во врска со новинар, само за да добие поголема медиумска покриеност. Наводно, движењето се залагаше против политичката коректност и новинарска етика во гејминг индустријата, но повеќето ја отфрлија неговата загриженост околу етиката и го осудија мисогинистичкото однесување на напаѓачите) тактиките на интернет топлата беа нашироко оценети како неприфатливи, но кога се работеше за лавот Сесил, оваа пракса одеднаш стана прифатлива.

Фер беше Палмер да добие некаков вид казна, ама реално, не ѝ е место на толпата да одлучи. Во цивилизирано општество, тоа треба да биде оставено на формалниот систем за правда.

Правдата на толпата не правда
Правдата на толпата не правда

Основниот проблем со правдата на толпата е тоа што е таа е склона на произволност. Како што опишува Фишер за Vox, „Ја третира правдата како еден вид на рандом молња од небото; потсетува на одмаздливите, но самоволни Грчки и Римски богови“.

Луѓето бараат некој да биде казнет за смртта на Харамбе. Во исто време, интернет толпата тотално игнорираше други случаи во кои животните умираат без потреба. Исто така, не обрнува премногу внимание на животните кои во моментов страдаат во зоолошки градини со лоши услови или на фармите, барем не до нивната тажна смрт.

Интернет правдата исто така прогледува и низ прсти на прашања што, искрено, се многу поважни. Смртта на Харамбе е тажна, но не е ни блиску до други трагични настани што се случија во последно време, а и претходно. Сепак, интернет толпата не изгледа бесна на таквите други трагедии.

Селективното, рандом насочување на вниманието, не е начинот на кој правдата треба да функционира. Правдата работи најдобро кога е подготвена и сигурна, кога казната е пропорционална на делото, а обвинетиот има шанса да се брани и да ја раскаже својата страна од приказната. Баш затоа постои правен систем, барем на хартија, кој има за задача да процени нечиј криминал и казната што ја заслужува, и тоа преку објективни фактори и неколку проверки и системи за баланс, како што се поротите и апелационите судови, за да се осигура дека тој обвинет ќе биде третиран фер.

Правдата на толпата ги занемарува речиси сите аспекти од овој процес. Приказната на обвинениот речиси никогаш не е слушната, а и кога е – или е извадена од контекст или не е сфатена сериозно. Нема проверки и нешто што би ја избалансирало злонамерната онлајн тортура, дури и ако претставува претерана казна. А метата се бира речиси целосно произволно, врз основа единствено на тоа која сторија ќе има не/среќа да стане вирална и да ја активира интернет толпата.

Правдата на толпата не ни може да запази некој од овие аспекти, бидејќи тоа не ѝ е ниту замислата. Единствената цел на интернет правдата е да бара одмазда – а тоа значи барање на одмазда со сите можни средства.

Формалниот правен систем постои со причина токму да ги спречи тие случаи во кои невини луѓе се лажно обвинети и погрешно казнети. Ако постоеја такви системи на проверка и на интернет, ќе беше спречено, на пример, малтретирањето на жената што ни крива ни должна го носи истото име што го носи и мајката на 4-годишното дете. Или, во еден друг случај, корисниците на Reddit решија дека еден млад човек по име Сунил Трипати го спровел нападот на Бостонскиот маратон во 2013-та – и ја нападнаа неговата фамилија со стотици телефонски повици и закани по живот, иако Трипати не беше вистинскиот виновник зад нападите на маратонот.

Емпатија преку екран

Ова се настани кои треба сите да нé загрижуваат. Во крајна сметка, ако си фатен на видео како правиш нешто што од другите е перцепирано како погрешно, дури и кога не е, никој не ти гарантира дека нема тоа да стане вирално и ти да бидеш следната жртва, без разлика дали заслужуваш казна или не. И нема да има никакви механизми што ќе спречат образот да ти биде засекогаш оцрнет, бизнисот да ти пропадне, семејството да ти страда.

Веројатно најдоброто решение е работа на сами себе. Не се приклучувајте и вие на толпата која веќе ја врзала следната жртва на кладата уште пред да има било какви докази. Не судете пребрзо, особено не преку интернет. Луис Си-Кеј има добра поента кога зборува за тоа зошто не им купува смартфони на ќерките: децата сакаат да се навредуваат и се навредуваат. Тоа го прават заради игра и како начин на истражување на светот. Кога ќе ја видат реакцијата на навредениот лице во лице, кај децата проработува емпатијата и сфаќаат дека не е добро тоа да го прават. Но, преку екранот на компјутерот или смартфонот, не го гледате ликот на тој што го навредувате, па ви станува забавно. Кога не го гледате ефектот што вашата осуда го има врз другиот, лесно е да се расфрлате со неосновани обвинувања и престроги казни од кои страдаат и невини.

- Реклама -