Вебсајтот RottenTomatoes.com ги затворил коментарите на страната за The Dark Knight Rises по неколку непријатни коментари. Некои фанови не ги прифатиле негативните оцени за филмот и почнале да им се закануваат на оние кои ги напишале.
Мет Ачити, уредникот на сајтот, во вторникот изјавил дека ова првпат се случува на RottenTomatoes.com. Тој додал дека коментарите најверојатно ќе бидат отворени до крајот на неделата. Последниот филм во трилогијата на Кристофер Нолан ќе ја има својата премиера овој петок.
„Модерирањето на коментарите на оваа страна беше премногу работа за нашиот персонал па решивме да ги затвориме коментарите. Едноставно имаше премногу омраза кон луѓето кои го оценија филмот кој луѓето сè уште го немаат гледано.“ Ачити додал дека размислува да го пренасочи системот на коментари кон Facebook за да се намали бројот на анонимни коментари.
Други сајтови за оценување филмови, како MetaCritic.com и MovieReviewIntelligence.com, или воопшто не дозволуваат коментирање, или не дозволуваат коментари пред премиерата. „Има многу опции“ рекол Ачити кој се плаши од слична ситуација со The Hobbit: An Unexpected Journey подоцна оваа година. „Или комплетно ќе ги отстраниме коментарите или ќе ги активираме коментарите по премиерата.“
Иако The Dark Knight Rises во моментов има 84 проценти „свеж“ рејтинг на RottenTomatoes.com, неколку луѓе го оцениле филмот како „скапан“, меѓу нив и Маршал Фајн од Hollywood & Fine, Кристи Лемир од The Associated Press и Ник Пинкертон од Village Voice. Фајн рекол дека филмот „нема смисла“ а Лемир вели дека е „разочарување“.
Фајн добил 97 коментари на неговиот сајт и 460 на Rotten Tomatoes, пред да бидат отстранети. Според еден од коментарите Фајн треба да „умре во оган“ а друг корисник рекол дека сакал да го претепа „со гумено црево додека да падне во кома“. RottenTomatoes.com е во сопственост на Flixster.com, компанија во сопственост на Warner Bros. [Death threats to bad reviewer, ‘Rotten Tomatoes’ suspends comments on ‘The Dark Knight Rises’]