Сте слушнале за тиоацетон? Ако живеете во Фрајберг, Германија, веројатно да. Тешко дека тамошните некогаш ќе ја заборават смрдеата за која им раскажувале нивните родители и баби и дедовци. Смрдеата која еднаш го евакуираше целиот град.
Во 1889 година, фабрика во Фрајберг се обидела да прави тиоацетон. Ама тиоацетонот не е лесен за правање – соединението (CH3)2CS е течно само кога е под -20°C, а штом малку го загреете, се стврднува и претвора во бела цврста материја наречена тритиоацетон. Сепак, главниот проблем е што и во едната и во другата форма, тиоацетонот страшно лошо смрди, и тоа на големо растојание. Мирисот од фабриката се чувствувал дури и на половина километар оддалеченост. Се раширил низ целиот град, а кај луѓето се јавиле несвестици, лошење и повраќање. Како што раскажуваат фабричките работници, на крајот тоа резултирало со „панична евакуација“.
Тоа би требало да биде доволен знак дека луѓе не треба да си играат со тиоацетон, ама… Во 1967 година, хемичари од станицата на Esso во близина на Оксфорд решиле пак да експериментираат. Но, капачето на едно од запечатените шишиња во кои се чувал тиоацетонот протекло, а целата лабораторија се исполнила со смрдеа „што ги надминуваше и нашите најлоши очекувања“, како што опишуваат сведоците. Хемичарите успеале одново да го запечатат шишето, но инцидентот резултирал со иснтантни поплаки на гадење и лошење дури и од колеги кои работеле во другата зграда, оддалечена речиси 200 метри од „местото на злосторот“.
Освен што тиоацетонот се покажал како најлошиот мирис што човек може да го искуси, се покажало и дека останува со тебе на подолго време. Двајца од хемичарите, кои работеле со мала количина, откриле дека веќе не можат да одат во ресторани, бидејќи смрдат толку многу што келнер(к)ите постојано прскаат дезодоранси и освежувачи за воздух околу нив.
Од очигледни причини, научниците од Esso го напуштиле проектот. Но, ако ништо друго, барем откриле дека мирисот на тиоацетонот има радиус од половина километар и дека доволна е само една капка за да ја контаминира областа… за да не мораме ние.