„Смартфон“ за одвикнување од смартфони

Во време кога се стремиме во што помал уред да ставиме што повеќе функции, кои потоа како резултат нé тераат почесто да го чачкаме телефонот кога ни е досадно и со тоа нé прават позависни, австрискиот дизајнер Клеменс Шилингер оди со обратен концепт – намалување на зависноста со помош на уред со минимална функционалност.

Се работи за лажен телефон (наречен Substitute Phone) направен од многу пластика и вградени топчиња преку кои можете да скролате и свајпувате до задутре, без ефект. Ништо нема да се случи, ама идејата е дека со тоа барем ќе ви се задоволи онаа тактилната (допирната) страна на зависноста, па вистинскиот смартфон помалку ќе ви недостасува.

Прочитајте и:  Zerocam - апликација за фотографии без вештачка интелигенција

Петте модели на Шилингеровиот „смартфон“ се дизајнирани во склад со петте најчести движења кои ги правиме со прстот преку екранот, а колку повеќе го користиме, се смета, толку повеќе ќе сфаќаме колку е апсурдно и бесмислено нон-стоп да се дреме со било каков уред во раката. Со тек на време, тоа би требало да се рефлектира и во нашиот однос кон вистинскиот смартфон.

Едно е сигурно, со лажниот „смартфон“ на Шилингер ќе бидете раат од нотификации, кои се токму еден од главните аспекти што ја создаваат зависноста. Што помалку ги добивате, толку помала ќе биде и гладта за нив.

- Реклама -