Галаксијата полека се буди. Четири од поголемите цивилизации конечно развиваат ѕвезден погон кој што им овозможува да патуваат низ вселената. Цивилизациите тргнуваат во колонизирање на вселената и со тоа ги воспостават своите галактички империи!
Small Star Empires е друштвена игра во која играчите контролираат вселенски бродови со кои ја колонизираат галаксијата и ја шират својата вселенска империја. Играта е за 2-4 играчи и трае релативно кратко (10-20 минути), а победува играчот кој што ќе успее да направи најмногу поени.
На кратко, правилата:
Секој играч на својот круг поместува еден од неговите вселенски бродови на мапа составена од хексагонални полиња. На овие полиња се наоѓаат од 1-3 планети. Единствено правило во движењето е дека бродот мора да се придвижи во права линија и не смее да лета преку полињата на другите играчи. Откако играчот ќе го помести својот вселенски брод, тој воспоставува контрола на полето каде што е бродот и ова значи дека на крај ќе добие поени од тоа поле, во зависност од тоа колку планети се наоѓаат на полето. Така, играчите играат сè додека не ги потрошат своите колонии или додека го потрошат последниот потег со бродовите, по што се настапува со броење на поените.
Оваа игра наликува на шахот, само условот за победа е различен. Треба да правите промислени потези, односно да ги зафатите ѕвездените системи со најмногу планети, а притоа да не им овозможите на другите играчи да го сторат истото. Играта има и модуларна мапа која играчите ја создаваат секоја нова партија, па така со малку поместување и ротирањe на деловите од кои се состои мапата можете постојано да играте на различна мапа. Ова, секоја нова игра ја прави уникатна. Пластичните фигури се одлично изработени, па имате чувство дека навистина патувате со вашите вселенски бродови и ја населувате галаксијата.
„Целосното дизајнирање на оваа друштвена игра почнувајќи од правилата на игра, па сè до артот и графиката е огромен креативен предизвик“, вели дизајнерот на играта Милан Тасевски.
„Дизајнирањето на играта, графиката и правилникот се веќе завршени. Пред неколку месеци започнавме и со маркетинг делот. Ја презентираме играта пред луѓе и ја играме заедно со нив, ја промовираме преку „Гоблин друштвените игри“ и преку мојот сајт за промоција на друштвени игри boardgames.mk. Исто така, организираме денови на друштвени игри каде што ја презентираме и играме играта. За таа цел, на почеток на Октомври бевме и на Essen Spiel, најголемиот саем за друштвени игри во светот низ кој што поминуваат 160.000 луѓе. Таму ја презентиравме играта пред многу посетители и можам слободно да кажам дека презентацијата беше многу успешна !“
Играта се очекува да излезе по успешно реализираната кампања на популарната crowdfunding платформа Kickstarter која што најверојатно би почнала на почетокот на 2016.
Ако сакате да ја поддржите првата оригинална македонска игра и нејзиниот дизајнер, сега засега тоа може да го направите со вашите лајкови на Facebook и тоа на Small Star Empires и на Archona Games, а ако сакате од близу да следите вести за играта можете да ја посетите официјалната страна Archona Games, да се регистрирате на Аrchona Games Newsletter и да добивате вести преку мејл.