Случајот на скопскиот аеродром е сериозен безбедносен инцидент, затоа е потребна и политичка одговорност, вели Спасовски

„Апсолутно сметам дека сите, па дури и претседател на која било држава мора да го почитува куќниот ред во државата во која влегува. Јас сум бил министер за внатрешни работи, сум бил претседател на Влада, никогаш не сум поминал на скопскиот аеродром без да биде проверен мојот багаж или без јас да поминам на скенер. Зошто ако јас како домашен државен функционер морам да бидам контролиран, зошто да небидат контролирани тие што доаѓаат. На тој начин треба да се покаже и почит кон државата. Секако дека има и дипломатски протоколи и тие се почитуваат максимално. Но, тоа што е процедура мора да се почитува“, вели ексминистерот за внатрешни работи

Тоа што се случи на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи и обезбедувањето на спикерот Африм Гаши претставува сериозен безбедносен инцидент. За тоа треба да сносат политичка одговорност сите оние што сакаат да се стават над законот и Уставот. Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го рече ексминистерот Оливер Спасовски и актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ, коментирајќи го инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој учествуваше и шефот на обезбедувањето на спикерот Гаши, поради што доби кривична пријава и отстранување од работното место.

„Факт е дека и претходно имало ситуации кога претседателката на Косово реагирала зошто мора да помине безбедносна контрола. Но, тогаш никој не преземал друга иницијатива, освен дека мора да се поминат безбедносните процедури и тоа е направено. Таа претседателка никогаш не била пропуштена без да ги помине безбедносните процедури до крај. И во тој период ми се јавувале функционери на ДУИ на телефон. Барале да добијат информација зошто тоа се случило. Секогаш сум кажувал каква е процедурата. Но, тогаш никој не пратил лично обезбедување да оди таму, да извади пиштол да го репетира, да нападне полициски службеник, несвесни дека на тој начин го загрозуваат објектот на заштита“,

вели Спасовски.

Според неговите информации, шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието отишол на лице место на аеродромот, по наредба на спикерот Гаши, посочувајќи дека тој не може да даде наредба на полициски службеници што него го обезбедуваат, туку тоа, вели Спасовски може да го направат нивни претпоставени како началниците или одговорните во Одделот за заштита на одредено објекти и лица.

„Полицискиот службеник никако не смеел да исполни наредба што била незаконска. Од тој аспект треба да се преземе и да се сноси кривична одговорност. Сметам дека вадењето на пиштолот и репетирањето во рамки на аеродромот, тој полициски служеник што го направил тоа требало да биде веднаш совладан, разоружан и да биде приведен, зашто не смее да презема такви дејствија што го загрозуваат самиот објект на обезбедување“,

рече тој.

На аеродромот, како што вели тој, можело да дојде до сериозен вооружен инцидент меѓу колеги, а со тоа да биде загрозена и претседателката на Косово.

„Апсолутно сметам дека сите, па дури и претседател на која било држава мора да го почитува куќниот ред во државата во која влегува. Јас сум бил министер за внатрешни работи, сум бил претседател на Влада, никогаш не сум поминал на скопскиот аеродром без да биде проверен мојот багаж или без јас да поминам на скенер. Зошто ако јас како домашен државен функционер морам да бидам контролиран, зошто да небидат контролирани тие што доаѓаат. На тој начин треба да се покаже и почит кон државата. Секако дека има и дипломатски протоколи и тие се почитуваат максимално. Но, тоа што е процедура мора да се почитува“,

вели ексминистерот за внатрешни работи.

На прашањето како ќе гласаат пратениците на СДСМ на интерпелацијата на преетседателот на Собранието, Спасовски вели дека мора да има политичка одговорност за Гаши.

„СДСМ повика на одговорност, мислејќи на политичка одговорност, затоа што знаеме дека кривична одговорност не може да има за претседателот на Собранието. Но, треба да има кривична одговорност за полицискиот службеник итн. Меѓутоа не треба само полицискиот службеник кривично да одговара, треба да носат и политичка одговорност на оние коишто сакаат да се стават над законот и над Уставот. Ќе дадеме поддршка на сите механизми што стојат на располагање на Собранието, што ќе значи носење на одговорност“,

вели тој.

СДСМ го повика Обвинителството да покрене постапка и го повика премиерот Христијан Мицкоски да излезе во јавност и да побара политичка одговорност од Гаши. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, рече дека пратеничката група на партијата денеска поднела интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради тоа што воведувал непринципиелни политики во Собранието.

Инцидентот се случи на 1 август на скопскиот аеродром во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи. По инцидентот на аеродромот, началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието, Африм Гаши, доби кривична пријава и е отстранет од работното место.

- Реклама -