Следен пат кога македонски град ќе биде позагаден од Делхи, нека ви текне на планинава од ѓубре повисока од Таџ Махал (ВИДЕО)

Ако не е доволно поразително кога во грејните месеци (ќе) читаме како Скопје, но и други македонски градови, се позагадени од Делхи, чекајте тогаш да го видите делхискиот „Монт Еверест“ од ѓубре. Да, тоа во позадината на сликава погоре не е некаков природен рид, туку е голем куп отпад.

Депонијата Газипур, која се наоѓа на периферијата на индиската престолнина, расте со по 10 метри годишно. Се очекува во 2020 да ја надмине висината на една од најпознатите индиски знаменитости – Таџ Махал, кој е висок 73 метри. Депонијата во моментов веќе надминува 63 метри. Впрочем, толку е обемна и висока, што индискиот Врховен суд предупреди дека веќе одамна е печена за предупредувачки светла за воздушниот сообраќај.

Депонијата е пренатрупана уште од 2002 година, кога достигна 20 метри, но властите засега не наоѓаат решение. Дневно таму завршуваат по 2.000 тона секакво ѓубре. Лани двајца локални жители ги загyбиja животите откако беа затpyпани од „свлечиште“ кога дел од Газипур се урна под влијание на обилните дождови.

Прочитајте и:  Рекордна загаденост на воздухот во Њу Делхи - 60 пати над максималниот праг

А водата од дождовите која се процедува низ депонијата, се разбира, завршува и ги загадува подземните води. Подземните води ги загадуваат изворите. По депонијата роварат и животни и шират зарази. Ѓубрето, пак, ослободува метан, кој и самиот е отровен, а бидејќи е изложено и на аеробно распаѓање, тоа предизвикува спонтани пожари. Некогаш тие се случуваат длабоко во купот ѓубре и тешко се детектираат или гасат.

Оттаму, не е чудо што депонијата е прогласена за ризик по здравјето на жителите на Делхи, особено за оние во радиус од 5 километри. Жителите често заболуваат, па затоа многумина го напуштаат градот.

Индија генерира по 62 милиони тони отпад годишно. Само мал дел се рециклира, а дури пола од нив завршуваат на индиските депонии.

- Реклама -