На почетокот на веков, во 2001-ва, Microsoft го објави Windows XP – дотогаш најдобриот оперативен систем на сите времиња. Многу од денешнава генерација кои тогаш беа тинејџери, за прв пат добија можност да искусат модерно персонално работење на компјутер.
Изненадувачки многу компјутери користат XP дури и денес, а секој што се обидел сам да ги поправа многубројните софтверски проблеми несомнено има и нешто поинтимно познавање на системот. Или барем така мисли.
Тешко дека тој, како и обичните компјутерски смртници, знаат дека лоциран во фолдерот C:\Windows\system32\oobe\images се наоѓа фајл по име title.wma, за кој единствено можевте да чуете по форуми на кои љубопитни нердови ги споделуваат интересните моменти од нивното чачкање по интерните катчиња на системот.
Се работи за релаксирачка њу-ејџ мелодија од 5 минути и 25 секунди, која сте можеле да ја чуете само ако тоа ви била професија или ако маката ве натерала лично да го инсталирате оперативниот систем. Траката свири откако ќе заврши инсталацијата на Windows XP и корисникот треба да помине низ низата опции, setup-и и правила на користење кои се појавуваат на крајот на процесот. Системот е така програмиран – да ја свири само во таа ситуација.
А траката е прилично добра, и оди супер во комбинација со стандардниот wallpaper на Windows XP, кој можеби и не случајно е наречен „bliss“ (блаженост).
Некој има прашано за тракава на Quora во 2011-та. Му одговори Wes Miller, кој во времето на раѓањето на Windows XP работел во Microsoft. Ѕирнете го.