Италијанскиот град Матера крие една неверојатна тајна. Но, не станува збор за некоја морбидна нерешена мистерија, туку за едно необично, прекрасно место, за кое малкумина имаат слушнато.
Доколку сте љубител на епските приказни, рустичниот амбиент, и филмовите како „Господар на прстените“, „Хобитот“, „Игра на тронови“, тогаш дефинитивно ќе ви се допадне уникатноста која ја нуди пештерскиот хотел „La Grotta della Cavita“.
Сместен во во пештерите на Матера, покрај долината на реката Гравина, овие автентични простории ќе ви овозможат бегство од здодевното секојдневие, и со својата едноставност ќе ве вратат назад во средниот век.
Постојат 18 соби, секоја прекрасна на свој начин, и еден ресторан.
Ова место беше „испразнето“ во 1950 година, кога тамошните жители кои живееа во нехигиенски услови беа преместени од страна на италијанската влада. Неговата реставрација траеше речиси 10 години.
Маргарита Берг е девојката која ги открила пештерите, откако избегала од дома во тинејџерските години. Во тоа време тие биле населени од страна на тамошните хипици. Подоцна, таа ќе започне да соработува со претприемачот Даниел Килгрен, со цел пештерите да ги претворат во хотел.
Интересно е тоа што не многу луѓе се информирани за постоењето на ова место, па само најголемите авантуристи умеат да го пронајдат. Дури ниту повеќето локални туристички агенции не слушнале за овој хотел.
Тука нема да пронајдете телефон или телевизори, но за оние кои се исплашени од комплетна изолација од технологијата, постои WiFi во секоја соба.
Ова живописно место кое нуди неверојатни пејзажи, е одличен простор за снимање на филмски сцени, па така беше искористено при креирањето на филмот „Страдањата на Исус“.
Килгрен се надева дека ќе продолжи со ова темпо заживувањето на оваа област, и воедно додава дека во план е и изградба на повеќе ресторани, винарски визби, чајџилници и слично.
Цените на собите за ноќевање започнуваат од 250 долари за една ноќ. За оние кои имаат подлабоки џебови, е дефинитивно одличен начин да ги оттргнат мислите од ова дигитално време.