Скоро половина македонски корисници се на Фејсбук повеќе од три часа на ден

44 проценти од македонските корисници поминуваат 3 и повеќе часа дневно на Фејсбук, покажаа резултатите од првото сеопфатно истражување за ставовите и однесувањето на македонските корисници на оваа социјална мрежа. Иако дури 60% од корисниците сметаат дека премногу време поминуваат тука, само 22,5% размислуваат да се откажат од користењето на истата.

„Податоците кои ги добивме веруваме дека ќе им помогнат на компаниите, професионалците и организациите подобро да ги позиционираат своите стратегии за промоција на Фејсбук“- изјави Никола Спасов, од агенцијата Рејтинг, која заедно со Њумедиа.мк го спроведе онлајн истражувањето. Целосните резултати ќе бидат презентирани во рамки на AllWeb, конференцијата за интернет маркетинг и онлајн ПР што ќе се одржи на 15 овој месец во Скопје.

Темата на AllWeb ќе биде интегрирани комуникации, а фокусот ќе биде ставен на интегриран маркетинг, мерење и анализа на социјални медиуми и онлајн односи со јавноста. Конференцијата има за цел да понуди ново искуство за маркетинг менаџерите, агенциите за маркетинг и за односи со јавноста, луѓето кои обезбедуваат содржини на Интернет, студентите, но и за локалните претприемачи.

 

- Реклама -