Палатата Рубен со нејзиниот величествен изглед и историска вредност претставува монументална градба во центарот на Скопје. Сместена на улицата „Илинденска”, на излезот од Градскиот парк, палатата Рубен и денес привлекува внимание како еден од симболите на минатото и убавината на градот.
Изградена во 1927 година, палатата била проект на реномираниот архитект Иван Артемушкин по нарачка на стоматологот, д-р Емил Рубен. Градбата на палатата била дело на високо квалификувани мајстори од Мијачко, кои користеле камен од Галичник за темелите и столбовите, додека тулите биле носени од Солун, а столаријата била изработена од пелистерска молика. Извонредноста на оваа градба се истакнува во двете влезни врати, изработени од чиста буковина, кои и денес функционираат.
Палатата Рубен преживеа разни катастрофи, вклучувајќи го и земјотресот во 1963 година, кога беше оштетена само дел од мансардата, но не и темелите. Квалитетот на изградбата и многу детали останаа непоколебливи и во текот на годините, давајќи историско значење и вредност на оваа градба која и денес останува како еден од најзначајните монументи во градот.
Палатата се наоѓа во втор степен на заштита и е во релативно добра состојба.
Иван Артемушкин бил еден од првите архитекти кои оставиле траен белег на Скопје. Тој бил роден 1886 година во Санкт Петербург, Русија. Бил архитект и руски емигрант. Неговата архитектонска дејност го опфаќа периодот меѓу двете светски војни. Во Скопје имал свое техничко биро. По Втората светска војна работел до 1978 година во Архитектонското одделение при Министерство за градежништво, потоа се отселил во Бугарија. Во неговиот архитектонски израз до 1932 година се забалежуваат неоренесансни и неокласицистички елементи, а потоа градел во духот на модерниот рационализам. Негови значајни реализации се: Палата на браќа Читкушеви (1931), Палата на д-р Рубен, Скопје (1927), Палата на браќа Бојаџиеви, Скопје (1931), Арапска куќа (Хотел „Јадран“), Скопје (1937)
Потеклото на семејството Рубен
Описот на историјата на фамилијата Рубен го прикажува нивното потекло и богатата историја на оваа семејна лоза. Фамилијата потекнува од Тулуз, Франција, каде биле видни златари, а потоа се преселиле во Истанбул пред крајот на 18 век. Откако се стационирале во Грција, посебно се издвоил Виктор Рубен, кој станал и дворски забар кај султанот.
Неговите деца ја наследиле забарската професија, но Емил, најенергичниот и авантуристички од браќата, се одделил од нив и пристигнал во Скопје во 1907 година. Тука отворил своја стоматолошка ординација во куќата на Зејнел бег, во Ибни Пајко маало.
Интерниран во Пирот за време на Првата светска војна, се вратил во Скопје во 1919 година. По враќањето, Рубен повторно ја обновил стоматолошката ординација, меѓутоа останувајќи верен на своето француско државјанство.
Во 1923 година, нов закон ги спречува странците да работат во приватниот сектор, а Емил, чувствувајќи се дома во Скопје, одлучува доживотно да остане и да земе ново државјанство. Во 1924 година ја започнува изградба на својата куќа, која и ден-денес претставува значаен дел од градската архитектура.
Куќата е особено впечатлива, со три ката без приземје, сопствен водовод и резервоар за вода на мансардата. Внатрешниот дел е луксузно наместен со стилски мебел, а Емил бил еден од првите кој донел радио во Скопје, каде што редовно се собирале католиците да го слушаат ѕвонот на црквата Св. Петар во Рим.
Емил бил напреден човек кој следел новости од технологијата. Иако сакал да купи автомобил, патиштата во градот биле лоши, па се задоволил со велосипед, што исто така било реткост во тоа време.
Неговите деца имале успешни кариери и високо образование. Еден од нивните синови, Виктор, отворил своја медицинска ординација, но несреќно загинал за време на Втората светска војна. Најмладата ќерка, Ивона, ја наследила професијата на нејзиниот татко, додека другите сестри, Марија-Антоанет и Елена, постигнале значајни постигнувања како судија и професори.
Историјата на оваа почитувана фамилија ја продолжуваат неговите внуци, но забарската традиција е целосно прекината иако била вешто одржувана цели 150 години.
Оваа приказна ја изразува силата на волјата, успехот и наследството на Емил Рубен и неговата фамилија во Скопје.
Приказната за МЦМ
На фасадата стои обележјето со римски бројки, па оттаму во поново време од почетокот на 90’ во сутеренот на куќата беше лоциран култниот клуб кој го носеше името МСМ од првите 3 римски броја. Игор еден од наследниците на некои од становите во куќата, во тоа време прилично млад, откако починале двете постари жени кои живеее во сутеренот, се решава да отвори клуб. Игор првенствено Му го нудел клубот на Драган Б. Костиќ за да го води, но тој одбил бидејќи во тоа време го водел клубот „23“ Евергрин (под Бристол, поранешна Таверна). Местото подоцна стана познато како клуб МЦМ кој успешно го водел Зоки Малиот.
Помалку познати факти за Палатата Рубен
Во оваа куќа се снимал филм со Неда Арнериќ и Емил Рубен.
За време на војната куќата била конфискувана и тука бил сместен Природонаучниот музеј.
Првично била окер боја како што биле и сите останати куќи на големците во Скопје, а сега фасадата е во бела боја.
Постојат податоци дека Рубеновци се декларирале како Ерменци, а не како Евреи.
За поставените пломби во забарската ординација на Емил Рубен се давало 13 години гаранција, а пациентите во тоа време задоволни од услугите на оваа ординација се фалеле дека ги носеле и по половина век.
Во куќата живеел и Драган Б. Костиќ и тоа на поткровјето од 1980 до 1991 година. Таму му се родиле и неговите две деца. Сопствениците не му давале да реновира, а ниту пак сакале да му го продадат станот. Наоколу живееле многу познати скопски ликови: Милчо Манчевски, Гиш итн.
Во куќата биле гости скоро сите од југословенската естрада: Чолиќ, Бајага, Бреговиќ, Балашевиќ…
Насловна фотографија: Александар Стојчески