Градоначалниците на скопските општини на денешниот координативен состанок донеле одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина, да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
Како што информираше градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешниот координативен состанок, донеле одлука да побараат предавање на обврските на општините.
– Бараме Владата да назначи владин повереник и да и започне процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските на општините, рече Ѓорѓиевски.
Toj информираше дека на состанокот на кој разговарале околу состојбите со градот и нефункционалноста на претпријатијата, присуствувале сите скопски градоначалници, освен двајца, кои биле на одмор, но, имало нивни претставници.
Прашан како ќе се решат проблемите со ЈСП, Ѓорѓиевски одговори дека за тоа дополнително ќе треба да се оствари средба со Владата.
Според него, состојбата со сите јавни претпријатија е алармантна. Граѓани праќале дописи до општините, иако, како што нагласи Ѓорѓиевски, тоа не била нивна надлежност, за тоа дека „по неколку часа се чека автобус да дојде во одредено населено место, по неколку часа со неисправни или полуисправни автобуси, граѓаните патуваат од точка А до точка Б“.
– Интересот на граѓаните ни е на прво место, подвлече тој, нагласувајќи оти немало во ова политика.
Тој рече и дека во Скопје е срамота да дојде турист во денешно време.
Градоначалникот, на прашањето дали и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, поради своето негласање во Советот на Град Скопје имаат вина за состојбата во која се наоѓа градот, одговори дека „комуникацијата е двонасочна улица, а таа комуникација веќе две години не постои меѓу Град Скопје и ниту една општина“.
– Во Град Скопје е луксуз да ви вратат на мејл, да ви вратат на барање најпросто, за некој проект, рече Ѓорѓиевски, посочувајќи оти потребна е комуникација.
Ѓорѓиевски додаде дека „не може работите да функционираат на султанат во Градот Скопје“.
На прашање дали станува збор за трајно решение или за нешто што ќе трае една година, додека Арсовска не си замине од функција, тој одговори дека се работи за постојано.
– Трајно, еднаш се носи за постојано така да се функционира, дециден беше градоначалникот.