„Скопје, ајде на точак во петок!“
Замислете свеж зимски ден со многу луѓе на точак низ градот и тоа се случува синхронизирано во светот! Да пробаме, а?
Оваа година, „Winter Bike to Work Day“ ќе се одржи на 12 февруари, во петок. Настанот има за цел да покаже дека прав маж вози точак и во зима, и дека кога се сака, условите за возење се неважни. Идејата за настанот се раѓа во Канада пред 4 години, а во последните две се одбележува во стотици градови во светот, меѓу кои и Скопје (денот се одбележува по втор пат, лани и годинава).
Настанот е од отворен тип, нема единствени официјални организатори и им припаѓа на сите. Повикани се да учествуваат разни организации, компании, училишта и јавни институции, па дури и да организираат свои натпревари (во број на вработени или ученици кои ќе пристигнат на точак, во извозени километри и сл.), па и да доделат свои награди.
Настанот е поддржан и од повеќе скопски кафулиња, кои партнерството ќе го изразат преку најразлични промоции и попусти за оние кои во петок ќе пристигнат во нивните локали – на точак. Меѓу нив се Нано бар, Кино Карпош, Барбакан, Круг, Цреша, Кафе Ли, Баду бар, МКЦ, Ла Стрега и други. Мапа на локалите и цени на промоциите – ТУКА.
Листата на поддржувачи во Скопје останува отворена, а „организаторите“ се надеваат дека ќе ја дополнат истата со локали и различни компании кои ќе понудат вакви или онакви поволности за граѓаните кои во петок ќе пристигнат на точак.
Што треба да се направи за да се учествува на 12-ти февруари?
Треба само да се обврзеш дека ќе користиш точак каде и да одиш, независно од тоа дали преферираш да возиш во лето или во зима, без оглед какви ќе бидат временските услови тој ден. Прво што треба да направиш е да се регистрираш на овој САЈТ и да дадеш збор дека нема да се пишманиш.
Повеќе идеи и информации може да добиете ТУКА.