Според швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот „Ај кју eр“ (IQ Air), индексот на квалитетот на воздухот во Скопје утринава бил 153, што се смета за големо ниво на загаденост
Главниот град на земјава, Скопје, утринава се најде помеѓу десетте најзагадени градови во светот. Според листата на швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот „Ај кју eр“ (IQ Air), Скопје се наоѓа на шестото место на најзагадени градови, веднаш зад Лахор во Пакистан, Њу Делхи во Индија, Багдад во Ирак, Техеран во Иран и Ташкент во Узбекистан.
Од европските градови во листата на топ десет најзагени градови се најдоа и Будимпешта, Милано и Виена, додека, пак, останатите два града се Мумбаи и Ханои.
Министерот за животна средина Изет Меџити на почеткот на месецов изјави дека дека загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки, а како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура со што индиректно помагаат за почист воздух
„Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина“,
рече тогаш Меџити.
Инаку, „360 Степени“ објави дека по цела година земање мостри и мерења, сега се знае што го загадува воздухот во Куманово, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Струга. И тоа за секој месец посебно. Истражувањето на научно-истражувачкиот центар „Амбикон“ при Универзитетот Гоце Делчев покажа дека има разлики од општина до општина кој е најголемиот загадувач, што значи и дека локалните власти ќе треба да преземат различни мерки ако сакаат да го подобрат квалитетот на воздухот.